fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Над 90 проценти од топловодот е поставен во Битола, веќе нема да се копа по сообраќајниците

Магистралниот цевковод е направен, тестиран и ставен под азот, значи конзервиран. Цевководот низ градот е готов над 90 проценти од мрежата.

Битола – Иако е зима и со врнежи од снег, во Битола интензивно се доградува топловодот, проект од кој граѓаните очекуваат придобивка од економски и еколошки аспект бидејќи ќе се искористува отпадната топлинска енергија од РЕК „Битола“.

Топловодот како инфраструктура низ Битола е поставен речиси во целост и веќе нема да се копа низ битолските главни сообраќајници и да се затвораат улици, како во изминатиот период, туку ќе се доработува по заобиколни позиции, велат од „Топлификација“ Битола. Во моментов се поставува цевководот пред битолските судови и полицијата.

Како течат подготовките проектот со сите предвидени содржини, комплетиран и со потстаниците за догревање на водената пареа од РЕК „Битола“ се очекува да биде комплетно готово до втората половина на 2026 година.

Проектот е поделен на три дела, реализиран е комплетно првиот лот и изградбата на мрежата која почнува од РЕК „Битола“ до градот во должина од 12,8 километри, а во оваа рамка во крајна фаза е инфраструктурата низ градот.

„Магистралниот цевковод е направен, тестиран и ставен под азот, значи конзервиран. Цевководот низ градот е готов над 90 проценти од мрежата. Сега и покрај што сме зима дневно се работи на повеќе локации и се постави мрежа на која ќе бидат приклучени преку 35 институции кои се во државна сопственост. Овие консументи се претходно договорени и внесени во проектот и за се има дозвола за градба“, изјави Александар Мирчевски, директор на „Топлификација“, Битола.

Од влезот на Битола (од страната на Прилеп) од Дулието, топловодот се рашири паралелно преку два крака. Едниот кон населбата Карпош, покрај училиштето „Коле Канински“ и „Партизанска“, а другиот по улицата „Иван Милутиновиќ“ па преку зградите на судовите и Општината, се до Гимназијата „Јосип Броз Тито“ Битола.

„Битолчани реагираа околу сообраќајните гужви при поставувањето на топловодот со прекопување на главните сообраќајници. Но сега битно е да кажеме дека нема веќе да има затворање на улици, копање по сообраќајници, сега останатото ќе се доработи по тротоари и периферни локации“, вели Мирчевски.

Во вториот дел од проектот ќе се гради пумпна станица, станица за хемиска подготовка на вода, за изменувачи, ќе се гради и станица за догревање на водата пред Битола, обврски што треба да бидат завршени до втората половина на 2026 година.

Во третиот дел од изградбата на топловодот што ќе следува допрва треба да се направи санирање на котларите во државните институции, бидејќи дел од нив се на мазут, дел на печки на пелети и слично, и сите тие треба да се прилагодат на новиот топловодот.

Директорот Мирчевски вели дека планот е до крајот на 2026 година топловодот да се тестира и да се предаде во владение на „Топлификација“ која ќе стопанисува со него.

Битолчани, станари на колективните објекти веќе покажуваат интерес за вклучување на зградите на мрежата на топловодот, особено онаму каде што колективното греење функционира и во станбените комплекси каде имало и претходно котлари.

„Се интересираме преку месните заедници за вклучување на зградите на топловодот, да имаат придобивки граѓаните не само од економски, туку и од еколошки аспект. Ни кажаа дека штом се изгради во целост, ‘Топлификација’ ќе направи ценовник на приклучоци и услуги и дека секаде каде што има услови ќе се приклучат и станбени единици и приватни корисници. Имаме котлари имаме услови се надеваме дека греењето ќе стигне и во нашите домови“, велат станари од новата населба во касарната.

Проектот Топлификацијата на Битола, Новаци и Могила, АД ЕСМ го реализира со кредит од германската KfW банка во вредност од околу 40 милиони евра, а дополнително компанијата инвестира 7 милиони евра сопствени средства. Топловодот го гради конзорциумот RBA Termo JV, составен од три реномирани фирми: АД Гранит, Рапид билд и бугарската фирма Атом енерго ремонт.

Анета Блажевска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close