
Горан Балески од Валандово е млад земјоделец кој успешно работи органско производство
Млади земјоделци се помалку, но ситуацијата со органското производство во Валандовскиот Регион е поинаква, вели Горан.
Во време кога Македонија се соочува со недостиг од млади во секторот земјоделство, Горан Балески од Валандово успешно чекори и се развива во оваа област. Семејното производство го започнува неговиот татко со првите плантажи од неколку декари посадени со јапонски јаболка. Неколку години потоа ги прошируваат површините со десет хектари бадеми и шест хектари комбиниран насад со јапонски јаболка и бадеми.
– Оваа визија првенствено ја имаше нашиот татко, кој ни ја пренесе уште од рана возраст. Тој одамна препозна дека органското производство носи бенефиции не само за животната средина туку и за самите земјоделци. Работиме во согласност со природата, без употреба на хемикалии што можат да ни наштетат и нам и на крајниот потрошувач – раскажува Горан Балески.
Во 2019 година Горан и неговиот брат Кристијан го наследиле земјоделското стопанство и ја продолжиле оваа филозофија, воведувајќи модерни пристапи во одгледувањето и преработката и заедно со десетина колеги ја основале Првата органска задруга во Македонија, преку која се обединуваат како производители и го создаваат брендот „Б органик“ (B Organic).
– Нашите производи, како органски бадем и јапонски јаболка, се присутни на домашниот пазар, но и во извоз, што е наш главен фокус во последните години. Верувам дека секој млад човек може да најде просперитет во земјоделството доколку има пристап до информации и е изложен на добри примери. За жал, многумина остануваат во затворени кругови, без можност да се инспирираат од успешни модели. Токму затоа секогаш советувам да ги анализираме практиките од земјите со доста развиено земјоделство, како што се на пример Шпанија, Турција, Италија и Калифорнија за бадемот, и да ги примениме на локално ниво – порачува производителот и агроном Горан Балески.
Недостиг од млад кадар во земјоделството
Органското земјоделство е предизвик што бара континуирано учење и адаптација. Тоа е динамичен процес, кој бара иновативен пристап, а тоа е она што особено го привлекува нашиот соговорник Балески, кој вели дека најдобар индикатор за состојбата во земјоделството, но и во сите други сектори, е присуството на младите.
– За жал, не можеме да се пофалиме со значително присуство на млади во земјоделскиот сектор. Просечната возраст на земјоделците е многу висока, а трендовите не покажуваат позитивна промена, туку, напротив, секоја година бројот на млади земјоделци опаѓа. Сепак, ситуацијата со органското производство во Валандовскиот Регион е поинаква. Во последните неколку години активно работиме на промоција и развој на органското производство на бадем, калина, јапонски јаболка и маслинка. Веруваме дека споделувањето знаења и искуства е клучно за зголемување на бројот на производители, па така и на млади производители, и затоа несебично ги пренесуваме нашите знаења со цел да им помогнеме на оние што сакаат да започнат, но не знаат како да ги надминат предизвиците со кои ние веќе сме се соочиле – појаснува Балески.
Поголем буџет за мотив на младите земјоделци
Излезот од моменталната неповолна ситуација Горан Балески го гледа во зголемување на буџетот за мерките, забрзани процедури за аплицирање, понуда на поволни кредити, развој на програми за целосно грант-финансирање, партиципативен пристап при креирање на мерките, развој на програми за целосно грант-финансирање, како и моделирање според успешни примери од други земји.
– Ако сакаме вистинска трансформација, мораме да ја гледаме земјоделската политика како инвестиција во иднината, а не како еднократна финансиска поддршка. Само така ќе успееме да ги задржиме младите во руралните средини и да ги мотивираме да изградат одржливи земјоделски стопанства – порачува агрономот и земјоделски производител Горан Балески.
текст Филип Димкоски за https://novamakedonija.com.mk/