fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Јагнешко за Велигден ќе има, ама ќе биде над 660 денари за килограм, вели Никола Георгиев, претседател на Сојузот на овчари

Јагнето на домашниот пазар се откупува по цена од 210 до 230 денари за килограм прва класа, кое многу ретко се наоѓа.

Цената на јагнешкото пред претстојните велигденски празници ќе порасне и се очекува еден килограм да се продава над 660 денари во маркетите и во месарниците. Голем дел од македонските јагниња и годинава ќе се пласираат на пазарите во Италија, помал дел во Хрватска, но ќе има доволни количини и за домашниот пазар. Со оглед на тоа што извозниот шпиц ќе биде пред празникот, сточарите велат дека прво ќе се задоволат потребите на домашниот пазар, а тоа што ќе остане ќе оди за извоз.

Годинава, католичкиот и православниот Велигден се во исто време, што значи дека извозниот шпиц ќе се поклопи со зголемените потреби на домашниот пазар. Тоа значи, истото јагне што ќе оди за Италија ќе биде и за нашиот пазар, со тоа што приоритет ќе имаат домашните купувачи. Цената за домашниот пазар ќе биде слична како онаа по која ќе се увезува во Италија – 11 евра, односно околу 660 денари за килограм. Инаку, во моментов, јагнешкото во Италија се продава по 10,70 евра на големо, но се очекува цената да расте и да биде над 11 евра. Со оглед на тоа, се очекува да се зголеми и откупната цена во шпицот и таа да биде 250 денари за килограм жива мера – изјави за весникот ВЕЧЕР Никола Георгиев, претседател на Сојузот на овчари.

Во моментов, јагнето на домашниот пазар се откупува по цена од 210 до 230 денари за килограм прва класа, кое многу ретко се наоѓа. Георгиев вели дека надвор од шпицот, откупната цена на јагнето била ниска, но дека јагнето мора да се продаде кога ќе ја достигне продажната големина.

– Не може да се чека шпицот за да се постигне повисока цена. Растот на јагнето е два месеци, што значи за 60 дена мора да се продаде, поради тоа многу е важно да има континуиран откуп на јагниња во текот на целата година. Имаше години кога се наоѓаше пазар и за тоа потешко јагне, што не беше случај оваа година. До 35 килограми може да се извезуваат, но не поголеми од тоа. Јагнињата стари повеќе од пет месеци тешко се продаваат. На одредени сточари, јагнињата им беа вратени од кланица. Тоа не е во ред и треба да се испита зашто е тоа така – вели Георгиев.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close