
За многу години Петровден- Денеска се празнува во манастирот во Смилево
Кој постел во петровденскиот пост се причестува
Денеска е Св. апостоли Петар и Павле – Петровден.Со овој празник завршува еден од четирите повеќедневни пости во годината, кој е врзан за празникот на Апостолите. Денес црквата ги слави двајцата врховни апостоли Петар и Павле. А и историски нивниот празник се утврди пред празникот посветен на 12-те, т.е. на сите апостоли. Апостолот Петар се прославува како образец на цврстата и искрена вера, а Павле како оној кој најмогу се потрудил во проповедањето на распнатиот и воскреснат Исус Христос. Инаку тие, како и сите останати апостоли, имаат свои посебни празници во текот на богослужбеното годишно време.
За Петровден, според фолклористот Марко Kитевски, постарите луѓе одат во црквата, а кој постел во петровденскиот пост се причестува. На овој ден може и да се работи зашто е во време на најголемата жетва, а според верувањето, дури и светецот (Св. Петар) тој ден зел срп и жнеел. Некој го држат празникот само до пладне, а попладне работат. Во Галичник Петровден се сметал за голем празник, тогаш доаѓале печалбарите и тогаш се правеле и свадбите. Останало забележано дека некогаш во еден ден имало 50 свадби, а удирањето на тапаните се слушало дури во Албанија, објаснува Kитевски.
Денес се празнува во манастирот во Смилево, демирисарско. Четири општини од македонскиот исток секоја година со богата програма ги одбележуваат општинските празници Петровден и Павловден. Kочани и Kонче го слават Петровден, а Павловден е празник на Пехчево и на Виница.