
Агро бизнисВестиТоп вести
Професорот Трајковски со анализа – Зголемување на земјоделското производство наместо замрзнување на трговските маржи
Вистинското решение мора да се бара на страната на понудата, односно во зајакнувањето на домашното земјоделско производство!
Анализата на порфесорот Дејан Трајковски ви ја пренесуваме во целост
Зголемување на земјоделското производство наместо замрзнување на трговските маржи
Цените на овошјето и зеленчукот во Македонија се зголемени за околу 50% во последната година, што предизвикува сериозна загриженост кај граѓаните. Владата неколкупати и воглавно безуспешно се обиде да одговори со административни мерки, пред сè со ограничување на трговските маржи. Сепак, ова решение беше само краткорочно и не влијаеше на коренот на проблемот, бидејќи главната причина за ценовниот скок не е во профитот на трговците, туку во намалувањето на понудата, односно падот на самото земјоделско производство.
Овие проблеми се резултат на комбинација од фактори како што се климатските промени, односно сушата, растот на трошоците за репроматеријали, недостигот на работна сила, опаѓањето на интересот за земјоделство, стареењето на земјоделската популација, како и иселувањето на потенцијалните млади земјоделци од државата. Кога понудата се намалува, а побарувачката останува иста, цените неминовно растат, што претставува основен економски принцип.
Ограничувањето на трговските маржи може само привремено да ги стабилизира цените на пазарот, но од друга страна носи несакани последици, како што се откажување од одредени производи од страна на трговците, појава на скриени поскапувања преку намалување на грамажата или квалитетот, како и откажување од инвестиции за ширење на трговскиот бизнис. На долг рок, таквите мерки ја влошуваат ситуацијата на пазарот, наместо да ја подобрат.
Вистинското решение мора да се бара на страната на понудата, односно во зајакнувањето на домашното земјоделско производство! Владата треба да се фокусира на поттикнување на производството преку субвенции поврзани со количината на произведен производ, а не само со површината, како и преку инвестиции во системи за наводнување, развој на земјоделски задруги, гарантирање на откупот и планирање на откупните цени, намалување на цената на репроматеријалите и поддршка на младите земјоделци.
Дополнително, доколку целта е заштита на сиромашните и ранливите категории граѓани од високи цени, поефикасни се таргетираните мерки, како што се ваучери за храна за социјално загрозените граѓани по привилегирани цени и јавни субвенционирани набавки за училишни, болнички, војнички, затворски и социјални кујни.
Во услови на недоволно земјоделско производство, ограничувањето на маржите само по себе не ја решава суштината на проблемот, туку само го одложува доаѓањето до израз на проблемот. Затоа долгорочниот пристап мора да биде ориентиран кон создавање на стабилно, продуктивно и одржливо домашно земјоделство. Тоа е она што политичките партии го нарекуваа „самоодржлива држава“ во предизборните програми, на што после изборите веднаш „заборавија“ и продолжија по старо.
Во тој контекст, се поставува прашањето дали државата, која веќе располага со значителни површини државно земјиште и инфраструктура за наводнување, треба да се вклучи директно во организирање на земјоделското производство. Одговорот е потврден, но под услов тоа да се прави стратешки, ефикасно, транспарентно и домаќински.
Државата има можност да стави во функција огромни површини кои во моментов се неискористени или запуштени, преку формирање на јавни земјоделски претпријатија или доделување на земјиштето под концесија на производители кои ќе се обврзат на конкретно (а не лажно!) производство и вработување. Државата може да инвестира и во набавка на роботизирани земјоделски машини, што би претставувала подобра инвестиција отколку во губитниот проект со брзата пруга.
Исто така, во минатото е значително инвестирано во јавни системи за наводнување кои се недоволно искористени или нефункционални и кои, ако се вклучат во организирано производство, би дале многу поголем поврат на инвестицијата и нова додадена вредност.
Земјоделци не мора да бидат само сопствениците на земја, односно луѓето од селата, туку можат да станат и луѓе од градот, кои би работеле како професионални трактористи или оператори на дронови и кои би патувале на работа исто како што сега патуваат работниците во „Кромберг и Шуберт“.
Државата преку организирано производство може да обезбеди сигурно снабдување со основни производи за институции како што се училиштата, болниците и социјалните установи, а притоа да послужи и како позитивен пример за модерно, одржливо и автоматизирано, односно роботизирано земјоделство.
Сепак, ваквиот пристап има и свои ризици. Ако државата се претвори во работодавач по политичка линија или ако јавните земјоделски претпријатија станат места каде што ќе се одгледуваат неефикасност, корупција и загуби, тогаш ќе се постигне спротивен ефект. Затоа е важно државната интервенција да биде базирана исклучиво на економска логика, со јасни бизнис-планови, барање резултати и механизми за контрола и отчет.
Царинската политика може да помогне и против дампинг цени на увозните земјоделски производи. Неприфатливо е што увезуваме 70% од земјоделските производи, а заедно со преработената храна дури 85%, од што профитираат единствено увозниците и трговците. Ова истовремено покажува дека имаме доволно голем пазар, што може да го апсорбира домашното производство.
Најдобриот модел е оној кој што ќе комбинира државна инфраструктура и ресурси со приватна иницијатива и работна рака, било преку земјоделски задруги, јавно-приватни партнерства или концесии со обврски за испорачување конкретни резултати. На овој начин, државата нема да го истисне приватниот сектор, туку ќе го поддржи и насочи, обезбедувајќи стабилна понуда за граѓаните, откуп и пласман од земјоделските производители, пониски цени и конечно развој на селата. Само со таков пристап, земјоделството може да стане столб на економската и социјална стабилност на земјата, а не средство за клиентелизам и изборен инженеринг.
Проф. Дејан Трајковски