fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Многу поплаки од земјоделците за слабиот род на гравот

Фрлив пет килограми семе грав, но не се надевам дека ќе ја повратам таа количина

Многу поплаки има за слабиот род на гравот од страна на земјоделците.

„Фрлив пет килограми семе грав, но не се надевам дека ќе ја повратам таа количина. Нема род. Планирам да нарачам трипати по 10 килограми и така ќе се покријам до идната сезона. Ние сме семејство со 7 члена и нам ни требаат 30 килограми годишно. Се жалат и многу други луѓе, затоа што едноставно ако го повратат само семето кое го засадиле, тие се во загуба и ќе мораат да купат исто како некој што живее во градот и не инвестирал, не се мачел“, објаснува кумановка за Фактор.

Луѓето потврдуваат дека често се случува одредена култура да не го даде очекуваниот род.

„Со лозјата е така, ги фаќа болест, ќе изгори, ќе измрзне, потоа мораш да купиш грозје за да направиш вино. Отсекогаш било така. Сме имале случаеви, ќе засадевме домати, ќе ги фатеше болест и моравме да купиме или во малите места можевме да се смениме со некој, да му дадеме едно, да земеме друго. Ние садиме компири, но со нив сме немале некој проблем“, раскажува Стојанче Китанов, земјоделец од Кратово.

Агрономот Филип Димковски вели дека кога зборуваме за годинешната ситуација во градинарското производство, треба да имаме на ум дека не станува збор за климатски промени туку за состојби предизвикани од климатските фактори. Изменувањето на една клима е долгогодишен процес кој не се одвива така едноставно и чија видливост не се случува наеднаш, додека, климатските фактори се причинители на одредени тековни состојби и промени кај растенијата.

„Како во минатото така и денес, имаме години на суши и години на дождови што е сосема нормално. Но, како тие услови влијаат врз растениајта, тоа е темата за која ќе зборуваме. Имено, користејќи ги агроеколошките принципи на земјоделство ние ја храниме почвата на органски начин, а со тоа обезбедуваме здраво растение со силен имунитет и отпорност кое полесно одолева на временските ситуации. Од друга страна ако имаме растение чиј раст е постојано вештачки стимулиран, добиваме брз раст на растението кое не е способно за тоа време да изгради имунитет и да даде отпорност кон временските прилики. Во Прилепскиот Регион, дожд не заврна повеќе од 75 дена и тоа од крајот на мај па до 4 август, период кој е значаен за градинарските култури бидејќи се во фаза на полн развој, цветајќи, плодонесејќи и зреејќи. Така големата суша предизвика стагнирање на процесите кај растенијата. Тоа значи дека растенијата доживеаја температурен стрес кој се одрази на развивање на надземната зелена маса, опаѓање на цветот и слабо заврзување. Дури и да се врши редовна прихрана и залевање, високите температури го оневозможуваат растението да ја искористи водата и хранливите материи кои сме ги инпутирале. Кога растението е слабо и без имунитет, доаѓа до појава на болести чии причинители се различни. Се јавуваат механички повреди од сонцето, кои освен што ја намалуваат пазарната вредност на плодовите исто така можат да бидат причина за појава на габични заболувања. Заради сушата, полето и шумите не обезбедуваат храна за многу инсекти и птици, па тие се принудени да доаѓаат во нивите и да се хранат со култивираните растенија, а со тоа да нанесат штети врз производството“, објаснува Димковски.

Додава дека дождовите кои претходните денови заврнаа се од големо значење за есенската берба и значително ќе ја подобрат состојбата кај оние растенија кои успеаја да опстанат во претходниот сушен период, објави Фактор.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close