
Велков -Ако Владата сака да ги врати земјоделците на нивите треба гарантиран откуп и цени
Не може откупната цена на краставиците да биде 5 денари, а производствената 22 денари. За да се вратат земјоделците на нивите, пет години треба да имаме добри откупни цени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Статистика го вклучи црвениот аларм за цените на овошјето и на зеленчукот. Зеленчукот за една година поскапел за драстични 63,3 отсто, овошјето за 33,2 отсто, вкупниот годишен раст на цените на растителното земјоделското производство изнесува 39,9 отсто, додека кај добиточната храна тој раст изнесува 6,5 отсто. Земјоделците велат дека овие податоците ја покажуваат реалната слика во државата, односно дека сме увозно зависни и дека увозниците и дистрибутерите ги диктираат цените.
– Ние немаме доволно земјоделско производство, речиси 90 отсто од земјоделското производство е од увоз. Поради тоа, се поставува прашањето кои домашни земјоделски производи ќе ги купуваат граѓаните. Ако Владата сака да ги врати земјоделците на нивите, треба да има гарантиран откуп, гарантирани цени… Не може откупната цена на краставиците да биде 5 денари, а производствената 22 денари. За да се вратат земјоделците на нивите, пет години треба да имаме добри откупни цени – изјави за весникот ВЕЧЕР Ристо Велков, претседател на Сојузот на земјоделците од Струмица.
Според него, ако има заработувачка, сите земјоделци ќе се вратат на нивите и ќе го зголемат земјоделското производство. За да се случи тоа, треба да има гарантирани цени, гарантиран пласман… односно земјоделците треба однапред да знаат по која цена ќе го продадат она што ќе го произведат. Исто така, треба да се најде начин синџирот од примарните земјоделски производители до крајните потрошувачи да биде што пократок, односно да има помалку маржи и граѓаните да купуваат поевтини домашни производи.
Во моментов, во маркетите во Скопје цените на пиперките и на доматите надминуваат 100 денари и се продаваат по 120-130 денари за килограм.
-Приносите на пипер се намалени, а кога има помало производство, нормално е да се повисоки цените. Сушата си го направи своето и ги намали приносите по единица површина. Поради климатските промени и малото производство, и овие цени се ниски. Со оглед на зголемените трошоци за нафта, ѓубриво, наводнување, заштитни препарати, откупната цена треба да биде 60 денари за килограм – вели Велков