
Трговците ставале „нелогични“ маржи на земјоделските производи, вели премиерот Мицкоски
Дел од трговците ставаат маржа која е нелогична. Цените со кои земјоделците ги продаваат своите производи се историски највисоки, вели премиерот.
Премиерот Христија Мицкоски соопшти дека веќе има постапки за дел од трговците поради состојбата со цените на храната и оти е убеден дека, како што изјави денеска, девијантното однесување кај ланците маркети ќе се сведе на минимум.
– Тој производ тие го продаваат или на маркетите или директно на трговците. Порано состојбата во делот на аутпутот била негативна затоа што одредени политички елити во соработка со одредени трговци свесно ја држеле ниска цената при аутпутот односно онаа цена по која земјоделците ги продаваат своите производи и честопати работеле по принципот пола со пола. Ова не е нешто ново, тоа го кажуваат дел од самите трговци кои соработувале со такви луѓе кои во тоа време биле на водечки позиции во државата и во Министерството за земјоделство. Прашувате дали тие производи кога ќе дојдат на полиците во маркетите ќе имаат повисока цена. Да, претпоставувам дека тоа ќе биде така, но она што не охрабрува е што на месечна основа, во август споредено со јули, имаме конечно намалување, односно после неколку години храната е во минус, за 0,7 проценти, рече Мицкоски при денешната посета на Куманово.
Очекувам, дополни, тој тренд да продолжи во периодот што следи.
Коментирајќи ги укажувањата на земјоделците дека прекупците и трговците имаат голема заработка и оти крајната цена за граѓаните е многу висока, Мицкоски рече дека цените со кои земјоделците ги продаваат своите производи се историски највисоки, но оти трговците ставаат нелогична маржа.
– Не малку, малку повеќе дел од трговците ставаат маржа која е нелогична. Цените со кои земјоделците ги продаваат своите производи се историски највисоки. Сега е пиперката ајварка, но исто така ако се вратиме наназад и доматите, краставицата, зелката, кромидот, тутунот и сите останати производи, сега грозјето, ќе видите дека цените се сега историски највискоки, а тоа го говори и речиси удвоениот извоз на храна споредено со минатата година, посебно на земјоделските производи. Го следиме однесувањето на трговците и веќе колку што сум информиран за дел од нив има одредени постапки и процедури пред институциите. Веќе се процесуирани, само треба да влезат во финална завршница, изјави Мицкоски.