
Дарко Матески од Прилеп сади горчлива диња која помага во борбата со многу болести
Дијабетичари и болни од канцер ја бараат, помага и за некои вирусни болести, вели Дарко
Мал број земјоделци ja садат карелата – горчливата диња која е корисна во борбата со повеќе сериозни болести.
Карелата има многу малку калории, но содржи многу витамини и минерали и бројни материи кои позитивно делуваат на здравјето и имунитетот. Горчливата диња содржи и активни растителни соединенија кои делуваат како антиоксиданти.
Горчлива диња фото Зелена берза
„Јас ја одгледувам веќе 11 години и целата количина ја продавам. Дијабетичари и болни од канцер ја бараат, помага и за некои вирусни болести, за многу работи е корисна. Но, 90 отсто ја купуваат болни од канцер и дијабетичари. Купувачи има од Скопје, но и од Струга, Гевгелија, Битола… Имав купувачи од Србија, затоа што таму не можеле да ја најдат. Семето го набавувам од Хрватска. Ја продавам на тие што им е потребна, мали количини. Ја продавам свежа и смрзната во коцки. Замрзнатата ја земаат повеќе. Карелата има краток период на траење свежа, а потоа ја преработувам за да ја имам преку цела година. До 3 години се смета дека не губи од својствата, ама јас ја продавам брзо, истата година се трошат количините“, вели Дарко Матески од Прилеп.
Тој додава дека карелата не е тешка за одгледување, не бара некоја посебна нега или прскање.
„Не е тешка за одгледување, но ја има кратко време, треба од март да се сее, и се бере во септември. Нормално бара вода како и секое друго растение. Јас би се радувал да ја одгледуваат повеќе луѓе.“, објаснува Матески за Зелена берза
Горчлива диња фото Зелена берза
А.Б Зелена Берза