
Новите врнежи добредојдени за земјоделството, производителите да продолжат со грижата за посевите
Некои сорти винова лоза како вранецот, смедеревката, кардиналот и други, се во фаза на берба, а високите температури во изминатиот период и подолгото отсуство на врнежи можат да влијаат неповолно на квалитетот, иако лозата е многу отпорна на суша, истакнуваат агрометеоролозите.
Променливото облачно и нестабилно време со локален пороен дожд што ја зафати земјава, ќе влијае поволно врз земјоделството. Како што велат агрометеоролозите, новите врнежи ќе ја подобрат состојбата со влагата во почвата.
Се препорачува земјоделските производители да продолжат со активностите и грижата за посевите.
-За поледелските култури почнува предсеидбената подготовка на почвата која има пресудно значење за постигнување високи приноси. Подготовката мора да биде навремено и квалитетно извршена за да се создаде растресит почвен слој во кој ќе се акумулираат водата и хранливите елементи, како и во кој коренот непречено ќе се развива. Паралелно со обработката на почвата се изведува и основното ѓубрење на посевот, објаснуваат агрометеоролозите од УХМР.
Велат и дека повеќе видови овошки се во фаза на берба и зреење на плодовите.
-Некои сорти винова лоза како вранецот, смедеревката, кардиналот и други, се во фаза на берба, а високите температури во изминатиот период и подолгото отсуство на врнежи можат да влијаат неповолно на квалитетот, иако лозата е многу отпорна на суша, истакнуваат агрометеоролозите.
Под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса денеска времето ќе биде променливо облачно и нестабилно со локален дожд. Утре ќе има изолирана појава на нестабилност, а во недела повторно на повеќе места ќе биде нестабилно со локален дожд и грмежи, наместа со поинтензивни процеси.
-Појавата на нови врнежи од дожд ќе ја подобрат состојбата со влага во почвата. Во случај на појава на електрични празнења се препорачува поголема внимателност, да не се престојува на отворен простор, истакнуваат агрометеоролозите од УХМР.