
Успешна медена приказна – Пчеларство Додевски со младиот земјоделец Иван Додевски
Пчеларството е теренска работа која бара во одредени периоди од годината максимално да се посвети времето на пчелите за престојниот медобер.
ПЧЕЛАРСТВО ДОДЕВСКИ е пчеларска фарма основана 2000 година која повеќе од 20 години работи професионално со одгледување на медоносни пчели и ги произведува сите пчелни производи, природен мед, матичен млеч, полен, прополис, пчелин восок и пчелни роеви.
Денес располагаме со приближно 500 пчелни семејства распределени во околината на с. Смоквица Гевгелија и истите ги селиме во Македонски брод во поречкиот регион со цел да добиеме повеќе видови на мед и пчелни производи.
Гаранција за нашиот квалитетен мед е недопрената природата од човекот каде нема никакво можно загадување, еколошки чисти места во кои пчелите го собираат нектарот од разновидните медоносни и лековити билки.
Пчелните производи се правилно спакувани и чувани во објект кој е регистриран од страна на Агенција за храна и ветерина во Скопје.
Регистриран индивидуален земјоделец професионален пчелар Иван Додевски во ПИОМ
Ваши почетоци – Раскажете за вашите почетоци во земјоделството/преработката. Што ве инспирирало да започнете? Како започна Вашата приказна?
Почетокот беше хоби пчеларење исполнето со љубов кон пчелата и природата. Пресуден момент да се насочиме кон професионално одгледување беше мојата желба и одлука пчеларството да биде наше основно занимање во семејството. Започнавме заедно со татко ми во 1996 година со негување на 5 пчелни семејства преку кои ги запознававме технологијата на работа со нив при што применувавме добра пчеларска пракса.
Со моето запишување на Факултетот за земјоделски науки и храна се надоградив со теоретските обуки и знаења кои ги применувавме во нашето пчеларење. Дополнително имавме можност да посетиме голем број на саеми и едукативни настани од областа на пчеларството во нашата земја и странство. Во 2008 година станав член на пчеларското здружение Матица од Скопје каде имав можност да стекнам размена на искуство од колегите.
Во 2011 година со група на пчелари меѓу нив хобисти, љубители на пчели и професионалци се формираше пчеларското здружение Мак Бее со седиште во с. Негорци Гевгелија, учествував во формирање на ново здружение за заштита на нашата автохтона медоносна пчела Апис мелифера македоникa каде сум активен член.
Предизвици и пречки – Со какви предизвици се соочивте на почетокот? Како ги надминавте? Дали имавте поддршка?
Предизвик е секој почеток бидејќи се појавуваат многу пречки и падови како и во секоја друга професија, но ние успевавме да учиме од нашите грешки и да наоѓаме решенија преку кои ги надминувавме проблемите. Поддршка имав од моето семејство, пчеларството е теренска работа која бара во одредени периоди од годината максимално да се посвети времето на пчелите за престојниот медобер. Нивната помош ја имав во подготовките на опремата која е потребна за работа на терен во пчеларник на тој начин успеавме да се организираме и да ги поделиме обврските со цел да ја зголемиме бројноста на пчелни семејства и да ги зајакнеме капацитетите. Во 2019 г. преку програмата на млад земјоделец од министерство за земјоделие имавме поддршка во обезбедување на пчеларска опрема која ни помогна во процесот на производство на пчелните производи.
Успех и постигнувања – На што сте најгорди? Што сметате за Ваш најголем успех? Како придонесувате за економијата и заедницата? Како реагираат купувачите?
Нашата цел беше купувачите да не препознаваат по нашиот бренд Пчеларство ДОДЕВСКИ како локални производители на пчелни производи со одличен квалитет и традиција и веруваме дека ја имаме стекнато нивната доверба. Произведениот мед не е пастеризиран, хомогенизиран ниту филтриран со цел да ги задржиме природните состојки како што се поленовите зрна, минералите, органските киселини, ензими, витамини. Посебно сме горди на производството на матичен млеч, највредниот пчелен производ, кој се добива со сложена пчеларска технологија за која е потребно знаење и вештина.
Заедница, традиција и иновации – Како ги комбинирате македонската традиција со модерните техники во вашето производство? Како Вашата работа придонесува за локалната заедница?
Природните живеалишта на пчелите се да се населуваат во пукнатините на дрвјата или во карпестите предели во бртвите. Во минатото нашите предци успеале да направат ново живеалиште кое е приближно на природното за пчелите наречено трмка во кој ги населувале пчелите со цел да ги доближаат во нивните дворови. На тој начин полесно ја следеле пчелната заедница, можеле да им помогнат на пчелите и полесно да ги одгледуваат. Сега пчелариме во современи кошници со подвижни рамови преку што се овозможува целосен мониторинг и контрола на пчелното семејство. Со консумирањето на пчелните производи на прво место директна корист за луѓето е подобрување на нивното здравје. Општо познато дека пчелните производи имаат високо хранливо и лековито дејство.
Поглед кон иднината – Кои се Вашите планови за развој? Што сметате дека треба да направи државата за да бидете уште поуспешни?
Искуството кое го имаме не насочува во спроведување на подобар менаџмент со пчелните семејства со цел зголемено производство. Дополнително потребно е надоградување на постоечката опрема за цедење на медот и пакување. Во иднина планираме да превземеме повеќе едукативни материјали и информации кон нашите купувачи за значењето на пчелите за животната средина и бенефитите кои ги имаат со користење на пчелните производи. Свесноста за здрава храна и купување на македонски производи директно од нас индивидуалните земјоделци во случајов пчелари мора да се поткрене на повисоко ниво. Во таа насока позитивно сме изненадени и благодарни во спроведувањето на кампањата Македонско Најдобро преку која се промовираат нашите производи. Сметаме дека треба да се зголеми поддршката преку програмите за обезбедување на нова опрема и да бидат лесно достапни за регистрираните индивидуални земјоделци.
Порака до јавноста – Што би им порачале на младите? Кој е вашиот апел до потрошувачите?
Мојата порака до јавноста е да внимаваат во изборот на купувањето на пчелни производи, да одберат проверени производители од македонско потекло кои имаат регистрирано пчеларник (РБО) број и регистриран објект за примарно производство, овие податоци ги има на етикетите на медовите кај пчеларите заедно со потеклото на медот и контакти од пчеларот. Пчелните производи да најдат примена во секојдневната исхрана кај младите и возрасните лица бидејќи општо познати се бенефитите за нивното здравје.
Мислење за кампањата „Македонско најдобро“ – Што значи за Вас? Дали придонесува? Што би сакале да видите понатаму?
Убедени сме дека кампањата за македонските производи ќе придонесе за поголема промоција и афирмација на земјоделците, за потрошувачите ќе има поголема достапност на производите и информации за истите. Сметам дека треба да продолжи со поголем интензитет да биде медиумски покриена и во инвестирање на промоција и реклами за успешни земјоделци особено за помалите кој се мали оператори со храна, нив им е потребна поголема помош во однос на маркетинг и мотивација за поголем и побрз развој.