
Пролетната сеидба со солиден есенски род во Пелагонија
Секојдневно се следи и евидентира собирањето на суровиот тутун, фуражната пченка, како и жнеењето сончоглед.
Пролетната сеидба на земјоделските култури во битолскиот дел на Пелагонија е со солиден род, изјави за МИА, Стојан Христовски, раководител на ПЕ на Министерството за змјоделство, шумарство и водостопанство.
Според Христовски дел од земјоделските производи се целосно собрани, а дел е во завршна фаза, освен луцерката, зелка и кељ кои се во нивите.
-Собирањето на родот од пролетната сеидба е во полн ек, се собира се што е посеано и на сите површини. Пелагониските земјоделци пролетоска засадија 700 хектари со компири и досега собран е родот на површина од 500 хектари, доматите кои ги има на 800 хектари собрани се од површина на 700 хектари, а собрани се и пиперки од површина на 500 хектари што значи дека во наредниот период ќе продолжи собирањето на пиперки од уште 300 хектари. На нивите повеќе нема лубеници, но има зелка и кељ кои неможе да се соберат заради дождот кој деновиве падна во Пелагонија, истакна Христовски.
Во ПЕ на МЗШВ со седиште во Битола секојдневно се следи и евидентира собирањето на суровиот тутун, фуражната пченка, како и жнеењето сончоглед.
-Во моментов се жнее сончогледот кој пролетоска беше посејан на површина од 6500 хектари, а собран е од 5700 хектари. Во битолскиот дел на Пелагонија собран е суровиот тутун од 1100 хектари, а беше посејан на 1400 хектари, добиточниот грашок е целосно собран, а при крај е е собирањето на фуражна пченка, која пролетоска беше посеана на површина од 2600 хектари. Во моментов не се собира луцерка затоа што земјоделците неможе да влезат во нивите, а причина за тоа е дождот кој падна деновиве, појасни Христовски.
Од ПЕ на Министерството за мјоделство, шумарство и водостопанство потврдија дека во овој период од годината земјоделците ја планираат и се подготвуваат за есенска сеидба, но сеуште е рано за официјален почеток.
МИА