fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Игор Мирчески – Која е вистината за злоупотреба на европските ИПАРД средства!?

Потребно е и Министерството за земјоделство да преземе активна институционална и политичка одговорност во надзорот врз Платежната агенција, со цел да се зачува довербата на Европската комисија и да се спречат идни злоупотреби со европските пари.

Николовски обвинува во ризик се 128 милиони евра од ИПАРД – 3 програмата, министерот Трипуновски возвраќа нема опасност од губење на ИПАРД средствата од ЕУ. НО ВИСТИНАТА Е ИЗМЕЃУ!

Пишува Игор Мирчески – добар познавач на состојбите во земјоделието

Скандалот со апсењето на директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој (Платежната агенција) под сомнение за примање поткуп и злоупотреба на европски ИПАРД средства, повторно го отвора прашањето за одговорноста и контролата над оваа институција.

Агенцијата, која управува со европските фондови за рурален развој, формално е самостојно правно лице, но е основана од Владата на Република Македонија по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ). Според Законот за организација и работа на органите на државната управа и Законот за земјоделство и рурален развој, Министерството има стратешки и административен надзор над работењето на Агенцијата, со обврска да обезбеди правилно спроведување на државните и европските политики во земјоделството.

Иако Министерството нема директно влијание врз оперативните одлуки за одобрување или исплата на ИПАРД средства – заради европските правила за независност на платните агенции – министерот за земјоделство сепак носи дел од политичката и институционалната одговорност за надзорот врз нејзиното работење.

Министерот има овластување да бара редовни извештаи, да иницира надзор, инспекциски контроли преку Државниот земјоделски инспекторат и да предлага мерки за корекциа кога ќе се утврдат неправилности. Според експертите, ваквите случаи можат да имаат сериозни последици по земјата. Доколку Европската комисија преку своите тела (DG AGRI и OLAF) утврди системска корупција или слабости во контролниот систем, може да ја суспендира или повлече акредитацијата на Агенцијата и привремено да го замрзне финансирањето на нови ИПАРД проекти. Тоа би значело ризик државата да ги изгуби дел од грантовите или да мора да врати веќе исплатени средства.

Сепак, доколку институциите навремено и транспарентно реагираат преку истрага, обвинителски постапки и ревизија и покажат дека системот за контрола функционира, Европската Унија обично не ги казнува земјите со целосен прекин на финансирањето. Напротив, ЕУ го оценува позитивно кога националните органи сами ги откриваат и санкционираат злоупотребите.

Затоа, според правните експерти, покрај кривичната одговорност на лицата вмешани во корупција, потребно е и Министерството за земјоделство да преземе активна институционална и политичка одговорност во надзорот врз Платежната агенција, со цел да се зачува довербата на Европската комисија и да се спречат идни злоупотреби со европските пари.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close