fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Делегацијата на ЕУ во Скопје ја поздравува одлуката да се суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите за скандалот со Платежната агенција, објавува „Зелена берза“

„Очекуваме институциите да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на обезбедување поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно“, порачуваат од Европската делегација во Скопје. 

 

Европската делегација во Скопје ја поздравува одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 Програмата додека не се разјаснат околностите околу истрагата во Платежната агенција, а во исто време да ги заштити финансиските интереси на ЕУ.

Ова е одговорот од Делегацијата на европската Унија во Скопје на прашање на порталот за земјоделие „Зелена берза“, за нивниот став откако минатата недела беше разоткриен голем скандал со поткуп во кој е вмешан директорот на Платежната агенција Илија Стоилев и уште неколку службеници во МЗШВ и УЈП.

На прашањето: ако отворањето на истрагата за Стоилев и други државни службеници е заради барање и примање на мито за доделување на договор за финансиска поддршка од ИПАРД 3 Програмата – кој е ставот на Европската Делегација и Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој при Европската комисија, од таму одговараат дека се запознати со случајот и прибираат дополнителни информации:

Европската Комисија е запознаена со медиумските известувања за истражните дејности превземени од страна на Обвинителството за организиран криминал и корупција, а кои го опфаќаат Директорот на Агенцијата одговорна за ИПАРД програмата. Европската Комисија побара дополнителни информации од националните институции, и ја задржува можноста да превземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ. Ја поздравуваме одлуката на националните институции да ги суспендираат сите исплати од ИПАРД 3 додека не се разјаснат околностите“, стои во одговорот од ЕУ Делагацијата до „Зелена берза“.

Понатаму, до ЕУ Делегацијата во Скопје беа поставени и прашањата: Дали овој акт од првиот човек на Агенцијата која е задолжена за имплементација на претпристапната помош во земјоделството и руралниот развој доделена од ЕУ – може да предизвика суспензија на програмата и стопирање на финансирањето преку ИПАРД III програмата? Дали имаат докази за инволвираност на други лица од Агенцијата за финансиска поддршка или Министерството за земјоделство, дали се работи за изолиран случај или за добра разработена шема на директорот и неговата група која функционирала веќе извесен период, од Делегацијата одговараат дека во тек е истрага и неможат многу да се впуштаат во коментари, но повикуваат на голема сериозност во пристапот кон овој случај од македонските истражни органи.

Очекуваме институциите од Северна Македонија да постапуваат со целосна сериозност по ова прашање. ЕУ останува посветена на обезбедување поддршка за фармерите, земјоделството и руралните области, доколку средствата од ЕУ се обезбедени соодветно“, порачуваат од Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Денес на прес-конференција пратеникот на СДСМ и поранешен министер за земјоделство, Љупчо Николовски прв објави и тврди дека ИПАРД 3 програмата, инструментот на ЕУ за претпристапна помош за рурален развој е суспендирана на неопределно време.

„Во петокот околу 16 часот, од страна на националниот координатор за авторизација преку механизмот за суспендирање на плаќања, е донесена и дистрибуирана до македонските власти одлука за суспендирање на ИПАРД 3 програмата, односно одлука за суспендирање на плаќањата во ИПАРД 3“

Тој посочи дека одлуката стапила на сила веднаш, на неопределено време, се до исполнување на одредени услови и акциски планови. Оваа суспензија опфаќа целосен прекин на исплатите кон земјоделците и компаниите коишто веќе имаат склучени договори и веќе реализираат инвестиции од оваа програма, потпишување на нови договори и преземање на финансиски обврски од платежната агенција, како и објавувањето на нови јавни повици.

Денес до овој момент, министерот за земјоделие Цветан Трипуновски се нема изјаснето околу веста за суспензија на средствата од ИПАРД 3 Програмата. Во петокот Трипуновски кажа дека „Нема никаква загрозеност по ИПАРД средствата ниту по националните плаќања што ги имаме како држава.“

Министерот ги повика надлежните институции да го истражат целиот случај до крај за да се превенираат идни дејствија, а ги охрабри и граѓаните без разлика дали се правни или физички лица, доколку имаат индиции за вакви случаи, да ги пријават.

Европската помош преку ИПАРД 3 за македонското земјоделие изнесува 96 милиони евра или вкупно со нашата партиципација 128 милиони евра.

Автор Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close