Рушвет земјоделие
Македонското земјоделие и во други случаи го треселе скандали, но како што беше последниот обид за корупција не се памети. И исплатата на субвенциите е заглавена. Потребна е темелна чистка во секторот за зeмјоделие
Рушвет врати отвора – ама рушвет врати и затвора. Ако не се пофали тој што зел, ќе се пожали тој што дал. Вака искусни земјоделци во една реченица, со турски архаизам, ја објаснуваат ситуацијата во македонското земјоделие по големиот ИПАРД скандал кој ја тресе Агенцијата за поддршка на развојот на земјоделието или како што ја нарекуваат најчесто земјоделците – Платежната, оти знаат дека од таму идат парите за субвенции и целата исплата како поддршка за македонскиот аграр. Македонското земјоделие и во други случаи го треселе скандали, но како што беше последниот обид за корупција не се памети, објави https://nezavisen.mk/rushvet-zemjodelie/
Потврдено е дека исплатата од ИПАРД 3 програмата, која само во делот на европските средства тежи 96 милиони евра, со македонска партиципација 128 милиони евра, е суспендирана додека не се разјасни скандалот со Платежната агенција.
И во 2011 година, имаше вакво суспендирање на средства од ИПАРД програмата, но не заради давање и примање на поткуп, туку заради утврдени слабости во работата на Платежната агенција во смисла на слаба екипираност и недоволна контрола.
Корутивниот скандал во Платежната не е акутен, туку хроничен проблем. Скандалот наеднаш „еруптира“откако евроамбасадорот Михалис Рокас во очи му кажа на премиерот Христијан Мицкоски дека веќе во три извештаи на Европската комисија нема напредок во борбата против корупцијата. Амбасадорот рече: „Токму тука една нова посветеност може да обезбеди суштинска разлика“.
И ете ти ја „разликата“, петмина во притвор како увертира за злоупотреба на парите на европските даночни обврзници.
Пет лица се под истрага за поткуп и примање мито за случајот поврзан со распределба на европски пари, неповратна помош што Европската унија ја доделува за македонското земјоделство. Првоосомничен е тој што го дал поткупот за да добие средства од ИПАРД 3, или појасно кажано правното лице, тројца вработени службеници во МЗШВ и УЈП се посредници на кривичното дело, додека првиот човек на Платежната агенција, Илија Стоилев, е осомничен за примање поткуп, ветување во износ од високи 50.000 евра.
Скандалот за поткуп се однесува на инвестиција за која фирма од Струга требало да добие висока сума на пари за да направи капацитет за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи согласно условите предвидени во Јавниот повик бр.01/24. Директорот Стоилев во моментот на апсењето е затекнат со 400 евра во џебот, за кои Обвинителството смета дека се пари од поткупот.
За да биде појасно, јавниот повик за кој „падна“ Стоилев течел до крајот на мај 2024 година, вкупната финансиска поддршка за инвестиции во основни средства за преработка и маркетинг на земјоделски и рибни производи изнесува – 14 милиони евра. Според правилото, 75 проценти од средствата се европски неповратни пари, додека 25 проценти се средства обезбедени од буџетот на Македонија.
Неблагодарно е да се претпоставува, а уште помалку да се пресметува колкав би бил процентот на поткуп што евентуално би завршил во џебовите на едикојси функционери и службеници – посредници, на оваа сума и само по оваа мерка. Уште повеќе ако се земат предвид гласините дека мерката заврши лани, а документите на апликантите се чувале со месеци во фиоката на директорот, па натегањата…
Години наназад, земјоделците јавно пишуваат и коментираат на социјалните мрежи дека европската помош, па и воопшто субвенциите, не стигнуваат до вистинските земјоделци, туку до измислени фармери, кои по ново ги нарекуваат „ботови“ во земјоделството, за да дадат споредба со „партиските ботови. Кованица во негативна конотација што го опишува деструктивното во земјоделието и воопшто во политиката и општеството.
„Нека се укинат субвенциите, земјоделците не можат да земат пари од ИПАРД, оти тие пари ги лапаат оние што работат во Министерството, ги дават на луѓе што не се занимават со земјоделие. Земат трактор го продаваат и ги делат парите со тие што седат во канцаларија, обичниот земјоделец нема шанси да добие од овие проекти, земаат тие што даваат рушвет“, пишуваат земјоделци.
Маката на земјоделците започнува уште со самата апликација кога разни консултантски фирми и поединци им наплаќаат по неколку стотици евра да им ги пополнат апликациите за ИПАРД или пак други јавни повици.
На која врата и да тропне треба да „почести“, сакал или не, и земјоделецот е инволвиран во големата шема до крајниот исход како да се „стопат“ европските пари. Со чест на исклучоците, ретки се фирмите кои изработуваат апликации без да земат денар од земјоделците.
Голема конфузија настана околу тоа дали е суспендирана или не исплатата на ИПАРД 3 програмата. Министерот за земјоделие, Цветан Трипуновски, во соопштение кажува дека Брисел нема најава за блокада на ИПАРД средствата, и дека продолжуваат со борбата против корупцијата, а Министерството за финансии веднаш го демантира.
„Напротив, нашата борба против корупцијата која што ја водиме во моментов и дополнителните проверки кои што ги правиме во самата Агенција за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, се силно пофалени од страна на Брисел“, убедува Трипуновски додека Министерството за финасии од истата влада во која седи и министерот за земјоделие го побива со фактот со информацијата дека се прекинати исплатите на средствата од ИПАРД програмата. Па дури и денеска премиерот Мицкоскиќе каже дека самиот побарал да биде запрена исплатата на средствата додека не се истражи скандалот.
И самата Делагација на ЕУ во Скопје јавно обзнани дека Европската комисија побарала дополнителни информации од националните институции и ја задржува можноста да преземе превентивни мерки за заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Ако целта била да се внесе конфузија кај земјоделците, намерата е остварена.
Да, збунети се!
Но, не толку за европските пари колку за заостанатите субвенции што треба да им се исплатат за лани, за овците, премијата за млекото, за градинарите, за овоштарите… Субвенции ветувани со месеци, па одлагани, оти имало избори… Па, еве, изборите завршија, а пари пак нема. Последната потврда од Платежната агенција во врска со заостанатите субвенции е кратка и јасна – „Предметите се во финална фаза на обработка и во проверка на соодветни услови за истата, секако и обезбедување на финансиски средства на нивна исплата“, стои во одговорот од Платежната.
Дали ова значи дека Владата нема пари за исплата на субвенциите па штом допрва ќе обезбедува финансии за исплата на сточарите, полјоделците, овоштарите?
Или што би рекле земјоделците – „Кај се парите?“
Рано е за разврска на коруптивната драма и претпоставките кој сѐ ќе падне пред истражителите и до кој ешалон ќе биде разотриена злоупотребата на европските пари. Едно е јасно, дека треба да се чешлаат предмет по предмет кој се добил европски пари од ИПАРД програмата и како? Само на тој начин ќе се покажe одлучната борба против корупцијата.
Министерот за земјоделие најави дека за брзо време ќе има нов директор на Платежната агенција со цел „ тековното работење да продолжи со нормална динамика“. Кое тековно работење и кое „нормално“ кога внатрешно вработени учествувале искористувајќи го своето реално влијание и службената положба, побарале и го поттикнале директорот на Агенцијата да направи нешто што не смеел да го направи, како што вели обвинителството.
Пораката од јавноста е јасна – одговорност и смени во целиот сектор земјоделие. Она што го вели министерот Трипуновски дека – се пофалени од Брисел, не држи вода ако и самиот тој не понесе одговорност. Министерството нема директно влијание врз одлуките за одобрување или исплата на ИПАРД средства – заради европските правила за независност на платежните агенции, но носи дел од политичката и институционалната одговорност за надзорот врз работењето на Агенцијата. Министерството е тоа кое врши надзор преку Државниот земјоделски инспекторат.
Оттука, најмалку што се очекува од Владата е внатрешна контрола и сосема нови лица на чело на Министерството, Државниот инспекторат и Платежната агенција.
„Ние како држава сме решени да ја спроведеме борбата против корупцијата“, ќе биде само флоскула на власта без темелна чистка во секторот земјоделие.
Анета Блажевска




