
Мирчески – Македонскиот тутун е бренд што мора да се заштити и прогласи за национално благо!
Политиката треба конечно да ги тргне рацете и да овозможи производителите преку свои избрани преставници (сојуз, асоцијација или слично тело) да учестуваат во формирање на цените на тутунот на рамноправна партнерска основа. За тоа се потребни законски измени и доколку државата сака да си ги заштити овие ретки земјоделци тоа да го стори веднаш за новата производна реколта која следи од месец март. Да го осигура стабилно производство, значително повисоки цени и конечно вистински да се вреднува трудот на тутунарите
Македонскиот тутун е бренд кој претставува ретка суровина во светот и како таков државата да го заштити и прогласи за национално благо.
Сте се запрашале ли некогаш дали е логично да си производител на ретка суровина која се произведува и може да се купи само во неколку земји во светот, а притоа твојот квалитет да е познат и признат како бренд во светски рамки, а ти не учествуваш во формирање на откупната цена?
Причината за тоа е што властите донеле дискриминирачки закон со кој на откупните компании им овозможиле и дале ексклузивно право сами да си ја одредуваат откупната цена! Не само што не е логично туку е парадоксално и се коси со здравиот разум дотолку повеќе што пазарната логика на понуда и побарувачка не ја одредува висината на цената кај ретките суровини каков што е македонскиот тутун.
Што не е вкалкулирано во цената на еден килограм македонски произведен тутун кој претставува редок и ограничен ресурс во светот.
РЕТКОСТ И ОГРАНИЧЕНО ГЕОГРАФСКО ПРОИЗВОДСТВО ваквиот тип на тутун се произведува само во:
1.Турција (најголем производител со 60% од светското производство)
2.Македонија (втор најголем светски производител со производство од 20 до 25 000 тони годишно)
3.Грција (до 8000 тони годишно со тренд на опаѓање)
4.Бугарија (2500 до 3000 тони годишно производство со континуиран тренд на опаѓање).
5.Србија и Косово (учествуваат со мал и незначителен дел).
Ова се воглавно земјите во светот каде се уште може да се произведе бидеќи почвено климатските услови го дозволуваат тоа -суви и долги лета – песочно варовнички почви – ниско до средно ниво на влага во почвата – многу сончеви денови -работна сила која се помалку ја има, а е обучена за ваков вид на традиционално производство.
Според овие специфики, тутунот произведен на овие простори го прават ретка глобална суровина.
МЕТОДИ НА ПРОИЗВОДСТВО (традиционална рачна обработка и производство)
Ориенталниот ситнолистен тутун се бере : -лист по лист – нижењето дел рачно дел посовремено со машини бодалки и шијачки – традиционално сушење на сонце кое вклучува рачна манипулација спростирање на нанижаните низи и нивна ротација на сушници за тутун (скелиња или рамки).
Ваквиот тип на производство е: -трудоинтензивно -бавно -скапо -зависи од работна сила -неможност за индустриска механизација -важен момент кој е се позастапен во последниот период е недостигот и скапата работна сила.
Овие многу важни фактори во ваквото производство намерно се изземени кај нас во формирање на крајната цена на овој производ. Од тие причини властите во државата мора да престанат да бидат соучесници во грабежот на производителите на тутун овозможувајќи им на откупните компании преку закон да го пљачкаат реалниот профит кој несомнено тутунарите го заслужуваат.
Со сигурност може да се каже доколку една Германија, Франција, Велика Британија или било која друга европска земја би била производител на ваква ретка суровина, цената по килограм би била најмалку двојно повисока од моменталната кај нас. Политиката треба конечно да ги тргне рацете и да овозможи производителите преку свои избрани преставници (сојуз, асоцијација или слично тело) да учестуваат во формирање на цените на тутунот на рамноправна партнерска основа. За тоа се потребни законски измени и доколку државата сака да си ги заштити овие ретки земјоделци тоа да го стори веднаш за новата производна реколта која следи од месец март. Да го осигура стабилно производство, значително повисоки цени и конечно вистински да се вреднува трудот на тутунарите.
Автор Игор Мирчески,
поранешен координатор на новоформираните тутунарски здруженија




