fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Цената на тутунот треба да расте и за тоа постојат многу оправдани, реални и објективни причини

Не може и не смее да се извлече заклучок дека целиот произведен тутун треба да се откупува во една класа и по една иста цена на територија на целата држава. Таква практика не постои никаде во светот.

Цената на тутунот треба да расте и за тоа постојат многу оправдани, реални и објективни причини, се наведува во најновото соопштение на Иницијативниот одбор за подготовка на измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Како производители и чинители во процесот, даваме целосна и недвосмислена поддршка за сите тутунопроизводители. Но, неопходно е да се укаже на една суштинска вистина: тутунот не е суровина што се произведува во идеални и унифицирани услови, ниту пак е растение кое дава листови со иста големина, ист квалитет и исти физички, хемиски и пушачки својства.

Оттука, не може и не смее да се извлече заклучок дека целиот произведен тутун треба да се откупува во една класа и по една иста цена на територија на целата држава. Таква практика не постои никаде во светот. Таа е карактеристична единствено за системи во кои политиката ги крши законите, ги прекројува или, што е уште полошо, незаконски ги „надградува“ на штета на производителите.

Често слушаме барања дека тутунот треба да се плати 600, 700 или 1.000 денари по килограм, но речиси никогаш не слушаме јасно и аргументирано објаснување како и врз основа на што е формирана таа цена. Кои параметри се земени предвид? Кои пресметки се направени? Најчесто се наведуваат следните аргументи:

„Тутунот ми е квалитетен.“

Се согласуваме – македонскиот тутун има квалитет. Но, клучното прашање е: кој и како го утврдува тој квалитет доколку тутунот се продава „на кило“, во една класа?

Со откуп во една класа, не се продава квалитет, туку – како што би рекле старите – „ѓутуре“.

Не може истовремено да се бара плаќање по квалитет, а да не се продава по квалитет. Тоа е логичка противречност и мора отворено да си го поставиме тоа прашање сите.

„Тутунот е тежок за работа – ноќе стануваме, целото семејство бере, нижи, суши.“

Точно. Тутунот е можеби најтрудоинтензивната земјоделска култура. Потребни се натчовечки напори за да се произведе род со добар квалитет. Тој трудот мора да биде признаен, вреднуван и платен. Но, и трудот има своја цена која може прецизно да се пресмета и да се вкалкулира во крајната цена на производот.

„Имаме огромни трошоци – ѓубрива, нафта, заштитни средства, механизација, кирии, работна рака.“

Апсолутно се согласуваме. Трошоците за производство континуирано растат од година во година. Но,токму затоа тие треба да се пресметуваат системски и транспарентно, за да се утврди реалната цена на чинење на еден килограм тутун во Македонија. Тоа мора да биде главниот репер при утврдување на откупната цена.

„Инфлацијата е висока, парите во март и во декември не вредат исто.“

Точно. Инфлацијата е реален економски фактор, признаен и од институциите и од Владата. И таа може и мора да биде пресметана и вградена во крајната цена. Решението може да биде објавување прелиминарни цени во договорите во март, а конечни и обврзувачки цени најдоцна еден месец пред почетокот на откупот, односно во септември.

„Мора и ние да заработиме – тутунот ни е егзистенција.“

Целосно оправдано. Секое производство мора да има економска логика и профитабилност. Сигурниот профит носи сигурност, одржливост и континуитет, и претставува стимул за подобар квалитет. Без тоа, тутунопроизводството нема иднина.

„Не е фер проценката по класи – има двојни аршини.“

Ова е сериозен проблем и тука има целосна основа за незадоволство. Правилникот за квалитативна и квантитативна проценка е обврзувачки за сите откупувачи, а мострите се унифицирани и потпишани. Кај ист пакет тутун, во различни комбинати, во 95% од случаите треба да се добие иста класа и ист одбиток. За спречување на злоупотреби, Сојузот преку своите повереници, како и државата преку Министерството за земјоделство и ДЗИ, мора да бидат постојано присутни на терен и доследно да го спроведуваат законот. Доколку постојат правни недоречености, тие мора итно да се коригираат. Кога сите засегнати страни – производители, откупувачи и државата – ќе воспостават фер, јасен и законски процес, квалитетот природно ќе доведе до повисоки откупни цени.

Македонскиот закон за тутун некогаш претставуваше солидна основа за заштита на производителите. За жал, со годините, преку политички интервенции и незаконски измени, беше нарушена таа рамнотежа, што нè доведе до состојба каде тутунот се цени како прва класа, а се плаќа како трета. Токму затоа, без никаков материјален мотив, а со единствена цел – изнаоѓање одржливи и правични решенија, неколку тутунски и земјоделски здруженија, заедно со стручни соработници и производители, формираа иницијативен одбор за подготовка на измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи. Овие измени ќе содржат јасни барања и конкретни решенија, со цел подобрување на состојбите во тутунопроизводството – во интерес на сите партнери во процесот: производители, откупувачи и државата.

Со почит, Иницијативниот одбор за подготовка на измени на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close