fbpx
Агро бизнисВести

Деан Крстески: Ценење по класи – ДА или НЕ? – прашање е сега

Доколку сакаме силна држава, социјален мир, помагање на социјалата, подигање на стандардот...државата треба да застане на страната на најизмачениот Mакедонец, тутунопроизводителот, земјоделецот, сточарот... Државата која се грижи и е на страната на народот, на работникот може да напредува, затоа што народот е државата.

Прилепчанецот Деан Крстески, кој својата егзистенција ја обезбедува главно од производство на тутун пишува дали тутунот треба да се цени по класи или не.

Со самото финиширање на откупот од реколтата 2025 год. се погласна станува дебатата за начинот на откуп и цената на ориенталниот ароматичен тутун. Поголем дел од производителите бараат и во иднина да продолжи веќе воспоставената практика “откуп во една класа”, а мал дел бараат откуп по класи. И првата и втората група делат заедничко мислење и барање за зголемување на просечната откупна цена. Се наметнува прашањето: Која варијанта е подобра за производителот.

Кратко ќе навлезам во дел од дилемите.

Барањето за откуп со просечна постигната цена од 600 денари за 1 кг. тутун, се провлекува веќе четврта година и никако да се постигни, иако производните и животните трошоци овие четири години се зголемија најмалку за 30%. Повеќе од праведно и оправдано е во 2026 година, просечната откупна цена да не биде пониска од 600 денари.

Начинот на откуп

Доколку се откупува во една класа, за не помалку од 600 денари, при тоа да остане во сила и државната субвенција од 100 денари линеарно за предаден кг. тутун, тогаш тутунопроизводителите можеби ќе бидат задоволни со откупот на тутунот за реколтата 2026.

Доколку се откупува во класи, тогаш е многу веројатно дека просечна цена од 600 денари многу тешко дека ќе се постигне.

Ајде да го образложиме откупот по класи.

Постои Правилник за квалитативна и квантитативна процена на суровиот тутун во лист, кој според Законот за тутун го носи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во прва класа (1.1) Ориенталски Ароматични типови тутун влегува врв, подврв и ковалама,со должина на листот до 14 см, со изедначена сјајна боја, еластично ребро и изразита миризба, без никакви мани и оштетувања.

Во втора класа (1.2) влегува врв, подврв до 14см, горни средни и ковалама до 16см и вистински средни до 18 см.

Во трета класа (1.3) се врв, подврв до 14см, ковалама, подбир и надбир до 16 см, горни средни до 18см, вистински средни до 20 см.

Во четврта класа (2.1) Ориеанталски Дополнителни тутуни влегуваат сите берби со должина на листот над 20см.

Разговарав со тутунски инженер од Институтот за тутун, автор на повеќе стручни трудови, и на тема колку се присутни класите на тутун изразено во проценти заклучокот беше:

– Во реална прва класа може да влезе од 5 до 8% од вкупниот тутун, доколку идеално се одгледа, временските услови се задоволителни, правилно ако се исуши и се спакува.

Така, за пример ќе земеме на 1000 кг, максимално во прва класа би се ценеле од 50 до 80 кг. тутун.

Во реална втора класа 20%, со максимални 30%, па на 1000 кг. би се ценеле 200 кг.

Во реална трета класа од 54 до 64%, или на 1000 кг. би дошле 640 кг.

Во реална четврта класа, малку скапан при сушењето, некој листови болни или оштетени до 60%, да нема мувла и страни мириси, или на 1000 кг. , 80 кг. четврта класа.

Производителите можат да си пресметаат колку ќе им биде просекот на откупениот тутун по класи според актуелните цени кои ги имаат во договорите.

Доколку производителите се одлучат да се продолжи со откуп во една класа, би им препорачал нивното барање да биде насочено кон зголемување на откупната цена.

Доколку производителите се одлучат за откуп по класи, тогаш им препорачувам барање за откуп во две или максимални три класи.

Во трета класа да премине четвртата класа (2.1) .

Прва класа останува според правилникот.

Остатокот во втора класа. (втора и трета класа се спојуваат)

Да напоменам дека се можни малверзации од страна на откупувачите со откуп во трета класа, или класа пониско од реалната, иако тутунот нема да биде за таа класа, како и поткупени ценачи од страна на поголемите производители на тутун за да им се процени нивниот тутун повеќе во прва класа, партиски и владини притисоци за нивните активисти… Дека се правеа малверзации од такви типови, подмитување, барање роднински, партиски, пријателски врски, сведок е минатото, кога се откупуваше по класи.

Субвенцијата од државата да биде иста, линеарна, за сите класи на откупен кг. тутун.

Доколку сакаме силна држава, социјален мир, помагање на социјалата, подигање на стандардот…државата треба да застане на страната на најизмачениот Mакедонец, тутунопроизводителот, земјоделецот, сточарот… Државата која се грижи и е на страната на народот, на работникот може да напредува, затоа што народот е државата.

Деан Крстески – производител

Слични написи

Back to top button
Close