Агро бизнисВестиМакедонијаМлад земјоделецТоп вести

Дали Закон за тутун е “Законски”?- анализа на Цане Божиноски

Условот тутунарот да членува само во едно здружение е недозволено ограничување на лична слобода и грубо мешање во автономијата на здруженијата.

Системска анализа на Законот за тутун, производи од тутун и сродни производи 2019

 

Дали Закон за тутун е Законски”?

 

  • Законот за тутун, тутунски и сродни производи до 2019 беше еден од најдобрите во ЕУ, претставуваше модел на регулирано, договорно и контролирано тугунопроизводство, усогласен со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.

 

Домашното тутунопроизводство со децении се темели на тие принципи на производство. Тоа не е случајно, туку темелна законска регулатива, усогласена со европските стандарди и меѓународните обврски на државата.

 

Основните цели беа јасно дефинирани:

заштита на тутунопроизводителите,

– обезбедување сигурен откуп,

– контрола на квалитетот ,

– пазарна предвидливост и социјална стабилност во тутунопроизводството.

– регистрирани производители,

– одобрени семенски сорти,

– контрола на употреба на заштитни средства,

– следливост „од семе до откуп“,

– фитосанитарна безбедност.

 

  • Со интервенциите од 2019 година.

Дали законот ја губи таа логика и содржи внатрешни правни колизии, неусогласеност со Уставот, со правото на Европската унија и со Рамковната конвенција на СЗО за контрола на тутунот (WHO FCTC)?

Или е нормативно погрешно конструиран. Наместо да штити, штети, создава правен хаос, економска несигурност и директна штета за сопствениот земјоделец?

 

  1. Внатрешна колизија:

дозвола наспроти забрана

– Со член 43 се дозволува промет и обработка на увезен суров необработен тутун.

– Член 44 експлицитно забранува откупување, купување, продажба, транспорт и складирање на суров необработен тутун .

– Член 45 дополнително забранува извоз на суров необработен тутун.

Истата материја, необработен тутун, во еден член е дозволена, а во други забранета.

Класична внатрешна нормативна противречност, спротивна на:

член 51 од Уставот (законите мора да бидат меѓусебно усогласени),

принципот на владеење на правото (член 8 од Уставот).

 

  1. Поткопување на заштитниот систем на договорно производство и откуп

Законот воспоставува договорно производство и задолжителен откуп како централни механизми за заштита на тутунопроизводителите. Но, со дозволувањето увоз на необработен тутун, се создава паралелен пазар што ја релативизира обврската за откуп и врши постојан притисок врз тутунопроизводството.

 

 

 

  1. Повреда на начелото на еднаквост

Домашниот тутун: е строго регулиран, подложен на евиденција, класификација и контрола.

Увезениот тутун: станува легална алтернатива, не го носи истиот регулаторен и економски товар.

Ова создава неоправдана нееднаквост и е спротивно на

член 9 од Уставот (еднаквост на граѓаните и правните субјекти).

 

  1. Нефер трговски практики и откупна цена

“Цена без цена” – спротивно на европското право

Законот дозволува производство без однапред утврдена и взаемно договорена цена. Тутунопроизводството е регулирана дејност заснована на договорно производство, а не класичен слободен пазар.

Цената е суштински елемент на договорот и мора да биде: – однапред взаемно  дефинирана или утврдена преку јасен и фер механизам.

Без тоа се нарушува договорната рамнотежа, производителите ја губат преговарачката позиција. На тој начин, договорите формално постојат, но економски се обезвреднуваат.

Таквиот модел е спротивен на: Директивата (ЕУ) 2019/633 за нефер трговски практики, која забранува: еднострано утврдување или менување на цена, притисок врз производителот да прифати цена без преговори, злоупотреба на економска надмоќ.

 

  1. Повреда на слободата на здружување

Особено проблематичен е член 31 став 9, 10 и 11, со кој Државата си дава право да одредува која асоцијација е „највисока“ и репрезентативна. Кој ги избира тутунарите – тие или државата? Државата си доделува право да избере која асоцијација ќе ги претставува тутунарите. Не по волја на производителите, туку со решение.

Тоа е директен судир со Уставот.

Слободата на здружување значи граѓаните сами да одлучуваат кој ги застапува.

Законот, пак, создава „највисока асоцијација“ и ги маргинализира сите други, воведувајќи државен монопол врз претставувањето.

Условот тутунарот да членува само во едно здружение е недозволено ограничување на лична слобода и грубо мешање во автономијата на здруженијата.

Кога државата избира кој ќе зборува во име на граѓаните, тоа не е заштита.

Тоа е контрола – и уставен проблем.

Ова претставува директна повреда на член 20 од Уставот и член 11 од Европската конвенција за човекови права, како и отстапување од европската демократска практика,

 

  1. Судир со меѓународното право и принципот на претпазливост

Законот е и во судир со Рамковната конвенција за контрола на тутунот на Светската здравствена организација (WHO FCTC), особено членовите 17 и 18, кои ја обврзуваат државата да ја штити економската одржливост на земјоделците и да обезбеди строга контрола на прометот на тутун. Дополнително, дозволувањето увоз на необработен тутун е спротивно на принципот на претпазливост особено за суровини со фитосанитарен ризик. утврден во член 191 од Договорот за функционирање на Европската Унија.

 

  1. 7. Заклучна оценка

Законот за тутун од  европски усогласен и социјално балансиран модел. Во 2019 година се создаде закон кој е во внатрешна колизија :

– дозволен увоз на суров тутун,

– неефективна заштита на цената,

– државна контрола врз здружувањето,

– не е усогласен со ЕУ-правото,

– и ги доведува во прашање меѓународните обврски на државата.

 

Неопходна е суштинска корекција, а не козметички измени.

 

Автор:

Цане Божиноски – Добар познавач на домашната и меѓунродна легислатива во тутунопроизводството, со долгогодишно искуство во анализа и креирање на тутунската регулатива

 

 

Поврзани новости

Back to top button