fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Колкава треба да биде висината на цената на државната дозвола за рекреативен риболов?

Трипуновски оствари средба со претставниците на Македонската риболовна федерација.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со претставниците на Македонската риболовна федерација.

На средбата од страна на претставниците на Македонската риболовна федерација беа презентирани предлози за подобрување на Законот за рибарство и аквакултура. Покрај тоа, се разговараше за изнаоѓање на решение за висината на цената на државната дозвола за рекреативен риболов.

Согласно постоечката законска регулатива, користењето на рибите од риболовните води во Република Северна Македонија е уредено со Законот за рибарство и аквакултура („Службен весник на РСМ“ бр.64/24), донесен на 13 март 2024 година, како и со подзаконските акти.

Согласно член 41 од истоимениот Закон, дозволите за рекреативен риболов можат да бидат:
•    државна дозвола за сите рекреативни зони (ревири) во Република Северна Македонија, со исклучок на атрактивните зони, истата има важност од 365 дена од денот на нејзиното издавање, односно не е врзана за календарска година
•    годишна за одредена рекреативна зона (ревир);
•    месечна за одредена рекреативна зона (ревир);
•    тридневна за одредена рекреативна зона (ревир) или атрактивна зона и
•    дневна за одредена рекреативна зона (ревир) или атрактивна зона на атрактивните зони, за период од една година.

Изборот на дозвола за рекреативен риболов е исклучиво на рекреативниот риболовец, во зависност од неговите потреби и интерес.

Цената на дозволите за рекреативен риболов ја одредуваат корисниците на рибите, додека пак определувањето на цената на државната дозвола е пропишана во член 42 од Законот за рибарство и аквакултура каде е уредено дека цената на годишно ниво се определува со Решение на министерот во висина од најмалку една петина од просечната нето плата исплатена во претходната година во Република Северна Македонија според податоците на Државниот завод за статистика.

Средствата од надоместокот за издавање на државната дозвола се уплаќаат:

• 70% во Буџетот на Република Северна Македонија и

• 30% на сметка на корисниците за рекреативен риболов на подрачјето на општината каде што живее сопственикот на дозволата.

Средствата кои се уплаќаат во Буџетот на РСМ се наменети за порибување на риболовните води без концесионер, за дополнителна заштита на риболовните води и за еколошка заштита, преку мерки предвидени во годишните програми за финансиска поддршка во рибарството и аквакултурата кои ги носи Владата на Република Северна Македонија.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство останува отворено за континуиран дијалог со цел одржливо управување со риболовните води и унапредување на рекреативниот риболов во државата.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close