Агро бизнисВестиТоп вести

Земјоделците загрижени за поскапувањето на ѓубривата

Земјоделците веќе направиле мали залихи

Поради војната на Блискиот Исток, земјоделците се загрижени дека допрва ѓубривата ќе поскапуваат, а дел од нив земале и некоја вреќа плус, со цел да имаат мали залихи. Сепак, дали ќе има голем ценовен шок е неизвесно. Од земјоделските аптеки велат дека и тие не знаат како ќе се одвиваат работите, дали ќе има доволни количини на ѓубрива и колкава ќе биде цената. Но, се сложуваат дека поради војната на повидок е уште една година која нема да биде добра ниту за земјоделците, ниту за потрошувачите.

„Ѓубривата ги фрлаат од февруари до април, зборувам за овошни и лозови насади какви што има во нашиот крај. Битно е во тој период да нема големи осцилации, а ако е скапо, ако цената се покачи за 20 до 30 отсто, луѓето нема да ставаат ѓубрива, нема есап. Родот ќе трпи во тој случај. За овие култури една година ако се прескокне, за овошки и лозја, не е толку проблем, а во полјоделството не може така, земјоделците мораат да ставаат ѓубрива секоја година“, вели агрономот Благој Борисов од Кавадарци.

Во некои аптеки во Струмица објаснуваат дека работата се одвива тековно, но во други тврдат дека некои земјоделци купуваат поголеми количини ѓубрива од вообичаено.

„Забележав дека земјоделците земаат малку поголеми количини ѓубриво. Дали ќе се покачи или не, на многумина им е сеедно. Луѓето се без волја за работа. Има земјоделци што работат по 10-20 хектари, и купуваат ѓубрива, по 200 вреќи. Засега има мало покачување, по 100 или 200 -300 денари на вреќа. Ни најголемите аналитичари не знаат ништо, мислам дека ни американскиот претседател Доналд Трамп не знае што ќе се случува“, додаваат од струмичка земјоделска аптека.

Нашиот соговорник вели дека пред неколку години, земјоделец кој имал информација дека ѓубривата нагло ќе поскапат, предвреме си ги набавил потребните количини, пред да се случи поскапувањето, со што заштедил 2.000 евра.

„Куповната моќ е ограничена, земјоделците не располагаат со којзнае какви средства за да прават залихи. И да купат ѓубрива стравувајќи од поскапувања, тоа е мала количина.  Немам став дали ќе поскапат ѓубривата или не. Тоа не можеме да го знаеме“, велат од струмичка земјоделска аптека.

Целиот текст на faktor

Поврзани новости

Back to top button