
Дизелот од полноќ поскапува за 3,5 денари – РКЕ: Намалувањето на ДДВ-то ги ублажи цените на горивата
– РКЕ: Намалувањето на ДДВ-то ги ублажи цените на горивата
Од полноќ горивата ќе се продаваат повторно по повисоки цени. Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука, врз основа на светските берзи и зајакнувањето на доларот во однос на денарот, цената на дизелот да се зголеми за 3,5 денари по литар, екстра лесното масло за домаќинство да поскапи за 2,5 денари по литар, цената на мазутот за 0,15 денари, додека цените на двата вида бензин остануваат непроменети.
Од РКЕ соопштуваат дека и покрај намалувањето на ДДВ-то за горивата од 18% на 10% со одлука на Владата, ова се новите цени кои ќе важат во малопродажбата вечерва по полноќ.
Во цената се вклучени и трошоците за транспорт од складиштата до бензинските станици во износ од 1 денар по литар за сите нафтени деривати, освен за мазутот. Исто така, вклучена е и еколошка такса за финансирање на активности за животната средина, како и надоместок за задолжителни резерви.
Според премиерот Мицкоски, со промената на состојбата ќе има и дополнителни мерки за ублажување на кризата предизвикана од турбуленциите на светските берзи. Тој изјави дека во моментов нема потреба од намалување на акцизите на дериватите ниту од ограничување на продажбата за странски државјани.
„Во овој момент не само што ги задоволуваме домашните потреби, туку поради пониските цени на бензинот и дизелот во регионот имаме и многу граѓани од соседството кои точат гориво на нашите бензински пумпи. Најголем притисок има на северните, западните и јужните граници – на југ во Охрид, Струга и Дебар; во јужниот дел Битола и Гевгелија, а на север Куманово. Околу 150 илјади литри дневно има зголемување на потрошувачката во споредба со вообичаената од минатото.“, рече Христијан Мицкоски.




