
Игор Фузевски – Малините се повкусни откако користиме компост наместо ѓубриво
„Откако почнавме со компостирање родот е подобар, малините и компирите се многу повкусни сега. Вкусот е друг бидејќи не користиме хемикалии и вештачки ѓубрива. Сметам дека секој земјоделец треба да користи компост место вештачки ѓубрива“, вели Игор.
Семејството Фузевски на нивната нива во Ресен каде одгледуваат малини и компири, десет години користат компост кои сами го прават од органскиот отпад. Наместо органскиот отпад што се создава во производството да остане неискористен и да се фрла на депонии, Игор Фузевски го претвора во компост што повторно се користи во земјоделството. Вели дека откако користи компост малините и компирот кои го произведуваат се многу повкусни отколку кога употребувал вештачко ѓубриво, објави СДК.мк
„Компостирањето го започнавме пред околу 10 години како еден начин да се ослободиме од органскиот отпад кој нам ни се јавуваше во нашите насади. Оттука произлезе прво идејата да произведеме едно квалитетно ѓубриво кое потоа пак го враќаме во земјата при производство на нашите производи. Органскиот отпад односно остатоци од јаболка, остатоци од компири, гранки, трева и друго ако не се рециклира на овој начин, најчесто завршува во природата и се создаваат диви депонии. На овој начин, не правиме штета на природата, туку ги користиме благодетите “, вели Фузевски.
Семејството Фузевски одгледуваат малини и компири кои ги продаваат, но и градинарски култури за нивни потреби.
„Откако почнавме со компостирање родот е подобар, малините и компирите се многу повкусни сега. Вкусот е друг бидејќи не користиме хемикалии и вештачки ѓубрива. Сметам дека секој земјоделец треба да користи компост место вештачки ѓубрива“, вели Игор.
При процесот на компостирање се реди зелена па кафена смеса односно отпад. Во кафен отпад спаѓаат гранки, сено, пилевина од дрвата за огрев, лисја, додека зелен отпад се тревата и производи кои веќе не можат да се продадат. Наместо да одат на ѓубриште, се редат слој по слој. Квалитетен компост може да се направи за отприлика три месеци, а смесата треба да се меша на неколку дена за да се одржува влагата.
Игор вели дека со компостирањето се заштедуваат пари бидејќи не се купува вештачко ѓубриво, а процесот на компостирање не бара средства. Потребно е само да се купи машина за дробење на гранките.
„Не знам точно колку сме заштедиле, меѓутоа секако дека овој начин покрај што е еколошки е и поевтин. Една вреќа ѓубриво е веќе над 1.000 денари, а со една вреќа многу мала површина може да се наѓубри“, вели Фузевски.
Игор и неговата сопруга Соња велат дека децата од мали научиле да селектираат отпад кој потоа го компостираат.
„Сите сме вклучени во производството затоа што немаме само малинки, имаме нов насад со сливи каде што при садењето, во секоја дупка аплициравме од нашиот компост. Имаме јаболка, садиме и компири. Малините ги продаваме на пријатели, колеги, луѓе кои слушнале за нас“, вели Соња Фузевска.


