Токио ќе го сели најголемиот пазар на риба
Еден од најпознатите од многуте новогодишни ритуали во Јапонија е аукцијата на сјајно парче туна за многу пари на пазарот Цукиџи во Токио што постои 80 години.
Следната година, ако се се одвива според планот, традицијата нема да биде иста. Најголемиот и најпознат пазар за риба и морска храна на светот во ноември ќе се пресели на југ во огромен нов комплекс во Токискиот Залив, за да се расчисти патот за градење недвижнини во овој популарен дел од центарот. Затворањето на пазарот Цукиџи ќе стави крај на повоената ера за многу мали бизниси лоцирани пред главниот пазар што продаваат најразлични морски производи, од сушена лигна и морска трева до сланина од кит и кавијар.
Кијоши Кимура, сопственик на суши ресторан, доминираше на новогодишните аукции на туна во изминативе години. Во 2013 година наддавањето заврши со неговата рекордна понуда од 154,4 милиони јени (што според денешниот девизен курс би изнесувало околу 1,3 милиони долари) за туна од 222 килограми. Лани највисоката понуда за туна од 180,4 килограми уловена во северниот јапонски регион Аомори изнесуваше 37.480 долари.
Јапонците јадат околу 80 отсто од вкупното количество на уловена туна синоперка во светот, а резервите на трите вида туна синоперка опаднаа во изминатите 15 години поради прекумерно ловење.