
Четири мерки за поддршка на градинарството
И во 2017-та година градинарите ќе може да ги добиваат субвенциите по 4 основи. Финансиската поддршка ќе следува за производството на отворено, во пластеници, во оранжерии, како и за предадениот зеленчук во домашните преработувачки капацитети.
Градинарите кои произведуваат зеленчук на отворено и во пластеници на најмалку 0,2 хектари имаат право на субвенција од 30.000, а за лубеници и за дињи 6.000 денари по хектар.
Дополнителни директни плаќања ќе можат да добијат производителите на домати, пиперки, краставици и на режано цвеќе во оранжерии.
Висината на поддршката од 90.000 денари по хектар е за производството продадено на домашен пазар или е извезено во странство во периодот од 1 јануари до 15 мај 2017 година.
За зеленчукот предаден во конзервните индустрија од март до декември 2017 година, се добива по 1,5 денари, а за пиперки и за корнишони по 3 денари за килограм.