Кире вакво „салто мортале“ не си дозволуваше ниту Менде, реакација на Игор Мирчески во врска со информацијата за завршување на откупот на тутунот
Во изминатите неколку години сме сведоци на една загрижувачка појава – секој министер за земјоделие да има „свој“ сојуз на тутунопроизводители. Наместо доследно и без компромис да ги штитат интересите на тутунарите, од чии средства се финансирани, овие сојузи кај производителите сè повеќе создаваат чувство дека се оддалечуваат од својата основна улога. Наместо јасно застапување на тутунарите, нивните јавни настапи и изјави често оставаат впечаток на усогласување со политики и интереси на трети страни, вели Мирчески во реакцијата испратена до Зелена берза.
Јавна реакција од Игор Мирчески на изјавата пренесена во медиумите од претседателот на Сојузот на тутунски здруженија Кире Ристески во врска со завршувањето на откупот на тутун.
Почитувани,
Во изминатите неколку години сме сведоци на една загрижувачка појава – секој министер за земјоделие да има „свој“ сојуз на тутунопроизводители. Наместо доследно и без компромис да ги штитат интересите на тутунарите, од чии средства се финансирани, овие сојузи кај производителите сè повеќе создаваат чувство дека се оддалечуваат од својата основна улога. Наместо јасно застапување на тутунарите, нивните јавни настапи и изјави често оставаат впечаток на усогласување со политики и интереси на трети страни.
Во тој контекст е и последната изјава на претседателот на Сојузот на тутунски здруженија, која со право предизвика силни реакции кај тутунопроизводителите. Иако законскиот рок за откуп на тутунот трае до 28 февруари, што значи дека има уште речиси два месеца, по само неполни 15 дена од официјалниот почеток на откупот во јавноста се пласира теза дека откупот е речиси завршен и дека се откупени скоро сите количини, со преостанати 1 до 1,5 милиони килограми на терен. Ваквата изјава не само што е преуранета, туку создава и погрешна слика за реалната состојба на терен.
Со право се поставува прашањето: зошто се брза да се наметне впечаток дека откупниот процес е при крај и какви последици може да има ваквата перцепција врз тутунарите и нивната преговарачка позиција при продажбата на преостанатиот тутун? Во чии интереси се дава ваква изјава и кој има корист од неа? Дополнително, овие тврдења звучат уште понеубедливо ако се има предвид дека истиот Сојуз две години по ред даваше погрешни проценки за висината на реколтата, со отстапувања и до 30%. Јавноста лесно може да ги провери изјавите на претседателот за минатогодишната и овогодинешната реколта и сама да донесе заклучок. Оттука, сосема е оправдано тутунарите со резерва да ги прифаќаат ваквите проценки и да ги споредуваат со реалната ситуација од терен.
Понатаму, Сојузот соопшти дека бил фокусиран на три „клучни“ барања кои, според нив, треба итно да се реализираат:
-скратување на рокот за откуп на тутунот;
-враќање на ингеренциите на Сојузот на тутунски здруженија;
-олеснување на постапката за повереници, односно можност носителот на договорот да го користи и потесното семејство.
Првото барање – скратување на рокот за откуп – во суштина ја промашува реалната потреба на тутунарите. Проблемот не е во должината на рокот, туку во нерамномерниот и неусогласен почеток на откупот кај сите пријавени откупувачи. Токму годинашниот откуп покажа дека без јасна обврска сите пријавени откупувачи да започнат во ист ден, тутунарите повторно се доведуваат во нерамноправна положба. Постојниот временски рок е повеќе од доволен; прашањето е само дали предвремениот откуп го создава непотребно овој проблем.
Во однос на враќањето на ингеренциите на Сојузот, ваквата мерка може да има смисла само доколку биде придружена со јасни, прецизни и обврзувачки правила за формирање на откупната цена. Во спротивно, постои сериозен ризик од создавање дополнителна одговорност за Сојузот, без реална моќ за промена на состојбите, односно без јасна и законски дефинирана формула за формирање на цената. Таквата состојба на крај повторно би се одразила на грбот на тутунарите, а вината и одговорноста би се префрлиле токму врз Сојузот за неуспехот и ниската постигната цена во преговорите.
Третото барање – олеснување на постапката за поверениците, односно за членовите на потесното семејство на носителот на договорот полесно да се стекнат со лиценца – отвора сомнежи и дилеми во јавноста. Се поставува прашањето зошто вакво барање се поставува како „приоритет“, кога нема директно влијание врз цената, процесот на откуп, реалните проблеми и економската сигурност на производителите. Ваквите барања оставаат впечаток на погрешно поставени приоритети во време кога тутунарите очекуваат конкретни решенија за суштинските проблеми.
Особено нелогично делува најавата дека Сојузот ќе започне преговори за новата реколта уште од 15 јануари, иако според важечкиот закон нема формални ингеренции за влијание врз откупната цена, додека паралелно се инсистира на итни законски измени кои наводно треба да ја подобрат положбата на тутунарите. Ваквиот пристап создава впечаток на недоследност, брзање и отсуство на јасна стратегија.
Вакво „салто мортале“ не си дозволуваше ниту Менде, кого сите го критикувавме за нестручно водење на претходниот Сојуз, а токму сегашниот претседател беше меѓу оние критичари на таквиот начин на работа – начин кој денес и самиот го практикува. На крај, довербата на тутунарите не се гради со декларативни изјави, туку со конкретни резултати.
Реакциите што следеа по оваа изјава јасно укажуваат дека огромен дел од производителите се чувствуваат разочарани и несигурни во тоа дали нивните интереси навистина се застапени. Доколку ваквиот начин на делување продолжи, постои реална опасност јазот меѓу тутунарите и нивните формални претставници дополнително да се продлабочи, на штета на целокупното тутунопроизводство, стои во реакцијата на Игор Мирчески, познавач на приликите во тутнопроизводството и поранешен координатор на тутунски здруженија, испратена до Зелена берза.




