fbpx
ВестиТоп вести

Преспанските овоштари чекаат отштети од државата

Ни најстарите жители на Преспа не се сеќаваат на ваква „берба“ на јаболката. Само за дваесетина минути, колку што траеше невремето, целиот род од Долна Преспа, селата Крани, Наколец, Долно Дупени, Штрбово, Сливница и Љубојно, беше „собран“. Во овоштарниците на овие села веќе нема што да се бере. На нов род тие, како што велат, не можат да се надеваат најмалку уште наредните две години, бидејќи голем број од овошните дрвја се уништени.

Месните жители се скршени од тага поради последиците од невремето што ги снајде минатиот месец. Само одмавнуваат со рацете и велат: „Видете ја сликата во овоштарниците“. Сликата во Преспа по „торнадото“ што ги погоди беше повеќе од очајна. Откорнати дрвја, скинати електрични жици, испаѓани и искршени ќерамиди, откриени покриви, оштетени викенд-куќички… Иако голем дел од штетите, благодарение на акциите што ги организираа комуналните служби и луѓето од Центарот за справување со кризи, е санирани, сепак последиците сѐ уште може да се забележат.
– До вчера беше рокот кога жителите можеа да ги пријавуваат штетите до општинската комисија. Наскоро точно ќе се знае колкава штета претрпеле жителите од регионот. Иако комисиите сѐ уште собираат податоци за штетите од силното невреме, сепак, според првична процена, што би се рекло со голо око, тие ќе бидат меѓу 80 и 100 отсто. Колку ќе изнесува надоместот во пари за оштетените сопственици не би се осмелил да прогнозирам, но едно е сигурно дека тие треба да бидат големи – вели градоначалникот на Ресен, Живко Гошаревски.

Тој посочи дека овоштарите уште долго време не ќе можат да ги надминат последиците и штетите од невремето. Засега е најважно Владата заедно со Министерството за земјоделство да ги забрза постапките и да го скрати времето за исплата на надоместоците за претрпената штета. Кон нив треба да се приклучи и Министерството за образование, кое треба да помогне да се санираат штетите во училиштата во Љубојно и другите села, подготвени да ја пречекаат новата учебна година. На една од последните седници на Владата беше задолжено Министерството за образование да најде средства да се санираат последиците од невремето што ги претрпеа училиштата во регионот.

– Поројниот дожд, проследен со град и силни ветрови, кои достигнаа дури и 160 километри на час, за миг го однесе целиот труд на преспанци. Целиот род е уништен речиси 100 отсто. Единствено можеме да бидеме среќни што од невремето немавме човечки жртви. Веднаш по невремето со моите соработници го посетивме кампот Крани, и во првиот момент помислив дека таму ќе најдеме најмалку 30 жртви. Вистинска среќа што немавме ниту една човечка жртва. Штетите од невремето ќе се санираат и исплатат, ако не целосно, бар еден дел, но човечките жртви се ненадоместливи – истакна Гошаревски.

Особено тешки моменти таа вечер имале жителите од Наколец и Крани, кои поминале низ вистински хорор.
– Она што го поминавме, никој да не го доживее! Сега останува да преживееме, а Владата да ни надомести дел од штетите што ги претрпевме – низ солзи раскажуваа жители од Наколец и Крани.
Она што ги загрижува жителите е што лани и оваа година, барем кога станува збор за производството на јаболко, како сѐ да е насочено против нив. Минатата година поради слабиот откуп најголемиот дел од родот на јаболка остана во нивните „домашни ладилници“, а кога не можеа да ги продадат, некои се одлучија да ги фрлат јаболката.

Во Преспа, според процени на стручњаците, произведени се над 150.000 тони јаболка со послаб квалитет, а максималниот капацитет за преработка е само 20.000 тони индустриски јаболка. За намалување на штетите беше донесена одлука државата да издвои по три денари субвенција за еден килограм предадено индустриско јаболко, што делумно ги намали штетите. Сепак, според жителите тоа не е решение и тие предлагаат да се спроведува друга политика, во која значаен придонес, покрај пазарот, ќе има и државата.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close