fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаРурална ЖенаТоп вести

Христина Цветкоска-Продолжуваме по патот на аграрот иако влогот е голем

Да не се повтори ситуацијата со тутунот од последната реколта.

Секој млад земјоделец може да го постигне она што навистина го посакува, потребно е да се има цел и добра организација. Ова е животната девиза на Христина Цветкоска, земјоделец чии имоти се во прилепското село Марул. Христина се одлучи да ја продолжи семејната традиција, да ја обработува земјата, да произведува храна, нешто што со генерации наназад го правеле и нејзините предци. Таа е сопруга и мајка на две малолетни деца, но е силен поддржувач на земјоделието и е носител на земјоделско стопанство.

Нема достапен опис

-На мое име имам 3 хектари земја, државно земјоделско земјиште обработувам житарици и тутун, а садам и бостан за наши потреби. Пченица посадив на 1,5 хектари и од откупната цена сум задоволна. Со откупот на тутунот имавме проблеми како и сите други тутунопроизводители, проценката на класите беше нереална, но што е тоа е, помина и оваа реколта. Течат подготовките за новата реколта, вели Цветкоска за „Зелена берза“, додавајќи дека заедно со земјоделското стопанство на сопругот Марјанчо на површина од над 40 хектари земја годинава произведоа 80 тони жито и 7 тони тутун.

Нема достапен опис

Животот на село, носи свои предности и мани. Христина иако живее во Прилеп сепак секојдневно патува до Марул, каде ја чекаат обврските околу земјоделските работи. Имала шанси да избере и да работи во градот, да се занимава и со работи кои немаат допирна точка со земјоделието, но таа избра да работи заедно со својот сопруг да произведува храна и тутун.

Нема достапен опис

-Се одлучивме со сопругот да произведуваме тутун, и тоа го правиме веќе 15 години наназад. Што би се рекло произведуваме тутун на големо, професионално со сите агротехнички мерки. Не сум размислувала воопшто да го напуштам земјоделието и да барам друга работа, во фабрика или слично, зошто површините кои ги обработуваме со големи и нашето производство е големо. Имаме механизација и се што ни треба од помошна механизација и машини, па од тука нема простор да се размислува за друга работа, за друга професија. Влогот наш е голем. Мора да се продолжи по патот на аграрот, категорична е Христина.

Сепак, таа смета дека државата мора да им помага на земјоделците, особено во регулирањето на откупните цени на земјоделските производи. Тука пред се мисли на цената на тутунот, за која смета дека мора да биде реална според класата. Но, и тоа дека државата мора да се погрижи и за откупот на тутунот и воопшто за сите останати земјоделски култури. Зашто она што најмногу ги мачи земјоделците се токму пласманот и откупните цени.

Нема достапен опис

-Да не се повтори ситуацијата со тутунот од последната реколта зошто трошоците на земјоделците се големи, цената на нафтата расте постојано, а откупните цени се нереални. Субвенциите мора да се исплаќаат навреме зошто инвестициите во новата реколта се големи, смета Цветкоска, додавајќи дека секој еден земјоделец мора да вложува во земјоделското стопанство ако сака да има напредок.

Таа досега како земјоделец аплицирала и успеала да добие повеќе грантови што се достапни за земјоделците, а за скоро го очекува и новиот трактор Тафе 42 DI со кабина, за што аплицирала преку Националната програма. Од ИПАРД програмата веќе добила тањирача, машина за садење тутун, кримлери, две приколки и плугови.

-Жените земјоделки мора да бидат упорни во делот на земјоделието, зошто сепак работата се вреднува, се исплаќа, зашто без работа нема успех, човек не може ништо да постигне, порачува Христина.

Работата на отворено, на нива или фарма, воопшто не е едноставна и тоа го знаат и разбираат само оние што се занимаваат со фармерство. Но, сепак Христина вели дека со добра организација на денот и со навремено извршување на обврски, останува и слободно време, за кафе со пријателките, за излегување во градот.

Нема достапен опис

-И покрај тоа што работата на село никогаш не завршува, сепак со добра организација на денот можам да си дозволам да имаме слободно време и за себе и за дружење со пријателките, вели Христина.

Она што е голема љубов на Христина е нејзиниот семеен двор, во кој таа ужива да го уредува, да го раззеленува и различува со разнобојни цвеќиња. Подеднакво е вешта и во кујната, па вели дека нејзините деца ги обожаваат специјалитетите зготвени во нејзината кујна.

 

Анета Блажевска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close