fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Карадутките во Буково пред исчезнување

Калемот од карадутки на овие простори го донеле француските војници од Првата светска војна, за жал опстанокот на ова растение со слатки и сочни плодови е загрозен.

Карадутката како растение и овошје денес е непозната кај помладата популација. Мојата прва средба со карадутки се случи пред околу 40 години кога видов како мои врсници ги собираат сочните плодови од стеблата, кои се наоѓаа веднаш крај оградата на ОУ „Стив Наумов“ во Битола. Како низ магла се сеќавам кога мојата одамна упокоена баба направи сок од карадутки. Но карадутки не сум видел одамна. Ги нема воопшто низ пазарите во Битола. Спомените за ова слатко овошје ни ги оживеа Владо Кабровски од битолското село Буково, пензиониран припадник на СВР Битола.

-Според раскажувањето на веќе починатите жители на Буково, карадутките се појавиле со доаѓањето на француската војска во овие предели. Француските војници за време на Првата светска војна, а особено во текот на 1917 година, биле присутни во голем број во пределите околу Буково и  планината Неолица. Според преданието тие донеле калем на карадутка со која се калемеле одредени сорти на црници кои биле тогаш присутни во голем број на овие простори, раскажува Владо.

Но, каква е ситуацијата денес со ова растение и дали се уште се консумира?

-Опстанокот на ова растение во селото и неговиот атар е под знак прашалник. На карадутката во Буково му се заканува голема опасност од исчезнување. Порано низ селото Буково имаше преку сто корења на карадутки, додека денес може да се најдат едвај  5-6 примероци на ова растение. Ова се случува пред се поради тоа што употребата на нејзините плодови е сведена на минимум. Порано во селото карадутките масовно се собираа. Најмногу плодовите се консумираа сирови, но поради големата сочност од нив се правеше и сок. Исто така во поранешниот Мас пазар, буковци продаваа карадутки најчесто во чаша, но се вршеше и продажба на лист од карадутка каде што најчесто се ставаа околу дваесеттина сочни тела, вели Владо.

Ова се случуваше до пред неколку децении кога буковци беа сопственици на голем број анови кои гравитираа кон поранешниот пазар. Во минатото најчести консументи и собирачи на овие плодови биле децата. Денес, и покрај исклучително малиот број на единки, плодовите на карадутката скоро и да не се собираат. Единствено тоа се прави од некој повозрасен жител на селото и миленик на овие плодови.

-За разлика од црниците, карадутките имаат по киселкаст вкус и се многу посочни. Од обична црница не може да се направи сок, бидејќи е премногу сува. Исто така и лисјата им се поразлични. Многу се потемни и помесести. Треба да се напомене дека при берба на карадутките е потребна голема внимателност, затоа што нивниот сок многу тешко може да се исчисти од облеката. Текстилот и кожата најлесно може да се исчистат со сок од недозреана карадутка, додава Владо.

Покрај Буково и Потпелистерското село Лавци било познато по карадутките. Жители на ова село со дрвени кошнички во рацете движејќи се низ битолските улици и сокаци довикувале: Карадут! Карадут!

На купувачите исто така ставени на лист од карадутка им ги предавале сочните плодови. Денес и тука ситуацијата е очајна затоа што се останати уште неколку стари стебла во селото.

Карадутката како растение е во голема опасност од исчезнување. Голема штета е ова растение да исчезне трајно од нашите простори. Пожелно е да се изврши пребројување и мапирање на овие растенија за да се утврди точно нивниот  број и распространетост. Врз основа на ова би требало да се направи долгорочна стратегија за спас на ова растение.

Текст и фотографија: Игор Петровски

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close