fbpx
ВестиТоп вести

Питулици со лук – деликатес на гостилницата „На валајци“

 

Питулици со лук – деликатес на гостилницата „На валајци“

И минатото и сегашноста на овие простори имаат нешто заедничко, а тоа е културното наследство, како материјалното така и она духовното што му пркоси на налетот на новото време и сето она што тоа го носи. Храната е таа која како и многу други работи претрпела многу измени. Новите производи и новите вкусови совршено се вклопуваат во брзиот начин на живот и се обидуваат да се наметнат во денешницата. Но онаа автентична и традиционална храна со ништо не може да се замени. Сите добронамерници кога ќе дојдат овде сакаат да вкусат токму од традиционалните јадења. Лута ракија и туршија како и црно вино и домашни колбаси. Салата од овчко сирење со печени пиперки, гравче со пиперки, свински ребра во фурна прсти да излижеш. Ова не е сè. Да се дојде „На валајци“ и уживањето во природата нема да биде комплетно доколку не се вкусат питулиците со лукче и зелникот со праз.

Оние пак кои сакаат да експериментираат во кујната и откако ќе заминат можат да уживаат со спомените што ги понеле и секако со рецептот што ни го даде вработената во кујната во гостилницата Лилјана Митревска, која ни кажа дека посетителите посебно уживаат во овие јадења.

Питулиците на питуларник датираат многу одамна, од стари прастари, од како знаеме  тие се дел од традиционалната храна. Особено се подготвуваат за Бадник, посни питулици со лук.

Составот е многу едноставен: брашно, вода ладна, малку масло и сол.За еден килограм брашно е потребно еден литар вода, лажиче сол и две три лажички масло. Ова е повеќе од око отколку рецепт, вели Лилјана Митревска, вработена во гостилницата. Сè треба убаво да се измеша, да стане хомогена смеса со густина малку потенка од палачинки. Порано питулиците се правеле на питуларник на шпорет на дрва,така се повкусни, но во денешно време многу може да помогнат и тефлонските тавчиња, објаснува таа. Откако ќе се испечат од двете страни питулиците се подготвува фил  од лукче толчено со малку сол и вриена вода, на кое му  се додава малку оревчиња или лешник, попарени со врела вода и  масло. Се мачкаат сите питулици и се редат една над друга.Наместо лукче може да се стави и изварка по што се потпекуваат во добро заграна фурна околу 15-20 минути.

За зелникот треба малку повеќе умешност,но и за двете потребно е мерак.

„Кога се готви со мерак сè е поубаво“ ни рече на разделба Лилјана Митревска.

 

П.Јовановска

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close