fbpx
Вести

Ha „Тера мадре” ќе се јаде македонско слатко од диви смокви

Слаткото од диви смокви, буковскиот пипер и грозјето од автохтоната македонска сорта „станушина” се нашите претставници на меѓународниот саем за храна „Тера мадре салоне дел густо”, кој до недела ќе се одржува во Торино, Италија. Годинава, идејата е на манифестацијата да се разговара за иднината и правото на храна за сите, за заштитата на биодиверзитетот, ублажувањето на климатските промени и врската меѓу производството на храна и земјата.

na tera madre kje se jade makedonsko slatko od divi smokvi

 

Посетителите на саемот, меѓу другото, ќе можат и да се запознаат и со македонските вкусови преку храната, која на штандот на организацијата „Слоу фуд Македонија” ќе ја готват наши готвачи. Посетителите од Европа и пошироко ќе можат да го пробаат слаткото од диви смокви, овошка што не се јаде сурова, но која со традиционален рецепт, карактеристичен за дојранскиот крај се трансформира во производ кој може да се консумира.

Буковскиот пипер, одгледан во село Буково, денес го произведуваат само десет производители. Некогаш се издвојувал по својот квалитет, а бил толку застапен на пазарот, што зад себе оставил генерично име за секој производ од суви толчени пиперки. Се карактеризира со интензивно црвена боја, сладок, ароматичен и по малку лут вкус, кој трае долго.

Грозјето од станушината се користи за правење рубин-црвено вино со арома на јагода, малина и суво овошје, како и за правење маџун, сируп кој се користи за лекување, но и како замена за шеќер во домашните рецепти.

На павилјонот „Лет ит Би!”, простор кој е посветен на пчелите, дизајниран со цел да ја претстави приказната за пчелите и пчеларите, учествува и новиот президиум на „Слоу фуд Македонија”, македонската медоносна пчела, а ќе бидат презентирани и македонските техники на пчеларење во трмки.

„Овој павилјон е поставен со цел да се подигне свеста за употребата на пестицидите, да се објасни традиционалното производство на мед и да се постават нови граници во урбаното пчеларење”, велат во „Слоу фуд Македонија”.

На саемот во Торино присуствуваат 5.000 претставници од 160 земји, над 800 изложувачи, 300 президиуми на „Слоу фуд” и 500 заедници за храна на „Тера мадре”, a се очекуваат повеќе од еден милион посетители.

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close