fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Да се чека наоѓање на работа по струка или да се работи што било?

Невработените велат дека кај нас тешко оди наоѓањето работа по струка.

Во земјава многу луѓе имаат потешкотии да најдат работа по струка, и да го работат она за што се образувале.

Често пати невработените се во дилема дали да продолжат да бараат исклучиво работа по струка или да работат што било. Донка Спасовска од агенцијата за посредување при вработување „Хоризонт“ вели дека младите кои штотуку дипломирале имаат високи очекувања во однос на вработувањето и работната позиција, и бараат работа по струка. Таа советува доколку по извесно време не успеат да се вработат по струка, да бараат друга работа со која ќе стекнат искуство.

„Доколку не успеат да најдат работа по струка, тогаш да почнат да бараат работа во сродни дејности. Познавам девојка која завршила политички науки, а се преквалификувала и стана фризерка од љубов кон професијата и ужива во тоа што го работи. Кај нас луѓето кои имаат над 40 години доколку не стекнале некое претходно работно искуство, имаат потешкотии да најдат работа. Доколку поединецот е неактивен долго време тој ги губи работните навики“, вели Спасовска.

За дел од профилите лесно, а за некои многу потешко се наоѓа работа по струка поради хиперпродукција на кадри на пазарот на труд.

„Кој колку брзо ќе најде работа е идивидуално и зависи најчесто од образованието. Дали некој ќе чека работа по струка или ќе работи што било зависи од него самиот и не може да се генерализира. Зависи дали тоа лице може да издржи подолго време без работа или има потреба од средства за егзистенција. Некогаш луѓето не прифаќаат работа затоа што не се задоволни од висината на платата или пак пребираат работни места. Има различни примери. Во секој случај, не треба да се чека многу долго, затоа што ако поминат години и години, ќе биде многу тешко да најде работа“, додаваат од друга скопска агенција за посредување при вработување.

Невработените велат дека кај нас тешко оди наоѓањето работа по струка.

„Јас чекав 10 години за да најдам работа по струка, а во меѓувреме се снаоѓав, работев што ќе најдам. Најубаво е да се работи по струка, но во нашава држава знаеме дека тоа тешко оди“, вели Дарко Трајковски, сообраќаен техничар од внатрешноста на Македонија.

Во земјава постои голем јаз меѓу понудата и побарувачката на пазарот на труд, а според некои проценки кои беа соопштени изминативе години, само 12 од 100 студенти што се запишале на факултет ќе најдат работа во согласност со своите вештини и знаења.https://faktor.mk/da-se-cheka-naogjanje-na-rabota-po-struka-ili-da-se-raboti-shto-bilo

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close