fbpx
ВестиТоп вести

Подземни системи за капка-по-капка наводнување Како да добиете рекордни приноси на пченка со помалку работа

Пченката е една од најважните фуражни култури во исхраната на животните. Истовремено, пченката се одгледува за добивање на зрно и силажа. Од аспект на светското производство на растенија што се употребуваат во исхраната, пченката се наоѓа на третото место, веднаш зад оризот и пченицата. Денес во светот се произведуваат 786 милиони тони пченка на 158 милиони хектари. Лидери во производството се САД, Кина и Бразил, кои заедно учествуваат со 62% од светското производство. Зголемувањето на светската популација, како и растот на потрошувачката на млечните и месните производи, вршат притисокот за производство на поголеми количини на пченка од расположливата обработлива површина. Неможноста за зголемување на обработливите површини значи дека треба да се зголемува приносот по хектар со воведување на нови и попродуктивни технологии во производството на пченка. Значајни фактори за исполнување на оваа цел се достапноста до вода за наводнување на пченката и нејзино рационално искористување, правилното ѓубрење и заштита од плевели, штетници и болести.

Просечен принос на пченка во светот, регионот и кај нас

Искуствата од земјите со развиено земјоделство покажуваат дека просечниот принос на зрно од пченка се движи во меѓу 6-10 т/ха. Во Франција и САД просекот е околу 10 т/ха, Канада 9,2 т/ха, Австрија 9,2 т/ха, Турција 8.4 т/ха, итн. Во регионот приносите се движат од приближно 7 т/ха во Србија и Хрватска до 9 т/ха во Грција. Во Република Македонија пченката се произведува на 29.390 хектари, со просечен годишен принос од 4,3 т/ха. Со примена на добра производствена пракса во Македонија и во соседството се забележани приноси од 14-17 т/ха.

Како до рекордни приноси?

Пченката e култура која е силно зависна од наводнувањето. Потребата за вода се зголемува во најтоплите месеци (јуни, јули и август), кога испарувањето го достигнува својот максимум, во периодот кога растението цвета, се опрашува и оплодува, па се до налевање на зрното. Во овие периоди количините на врнежи се минимални или целосно недостасуваат. Поројните дождови можат да бидат еднакво штетни затоа што ги испираат хранливите материи од почвата. Затоа, контролираното наводнување е задолжителна агротехничка мерка која може да се изведува по бразди, со пивот центар, линеарни системи, распрскувачи и со системите капка-по-капка.

Во изминативе години, системот капка-по-капка беше интензивно воведен како иновативна технологија за наводнување преку Проектот на УСАИД експанзија на мали бизниси. Со помош на проектот беа поставени системи капка-по-капка на околу 800 хектари со пченка. Ова резултираше со зголемени приноси на пченката кои во просек изнесуваа 11 тони по хектар за производство на зрно, додека во делот на производство на силажа просечните приноси изнесуваа повеќе од 90 тони по хектар. Благодарение на системите капка-по-капка и користењето на соодветни протоколи за наводнување, производството на пченка кај околу 300 земјоделци достигна ниво споредливо со производството на пченка во развиените земји.

Како продолжување на активностите на УСАИД, Проектот за развој на деловниот екосистем, преку своите активностите воведе уште една иновација во делот на наводнувањетоyпотреба на подземни системи за наводнување капка-по-капка.

Подземнте капка-по-капка системи се повеќе од уред за наводнување; тие се алатка за управување со кореновата зона која им овозможува на земјоделците во секој момент да интервенира во делот на обезбедување на вода или хранливи материи.

Подземнте капка-по-капка системи се најефикасниот метод за наводнување кој обезбедува рационално користење на водата и ѓубривата, целокупна апсорпција на вода и ѓубрива во растението и рамномерно наводнување и ѓубрење на сите растенија. Со тоа се обезбедува максимален принос кај културите кој се наводнуваат преку овој систем.

Резултатите од првата година на употреба на овие системи во Македонија резултираше со приноси на висококвалитетна силажа од 90 тони по хектар. Воедно, се минимизираше потребата од работна сила и дополнителен ангажман на сопствениците во периодите на наводнување.

Зошто подземни системи за наводнување капка-по-капка?

Подземните капка-по-капка системи овозможуваат намалување на оперативни трошоци, заштеда на вода и ѓубрива и 100% ефикасност при наводнување и ѓубрење. Загубата на вода преку испарување, истекување и понирање е практично елиминирана затоа што кореновиот систем целосно ја апсорбира. Овие системи се исто така многу долготрајни и можат да се користат до 25 години, зависно од изведбата, правилното одржување и управување со системот.

Истражувањата покажуваат дека за пченка одгледувана со подземните капка-по-капка системи, потребната вода за наводнување може да се намали до 40% без влијание врз приносите. Друга предност на овие системи е способноста за прилагодување на големината, формата и топографијата на полето. Ова не само што овозможува употреба на системот на било која површина, туку исто така овозможува рамномерно наводнување на 100% од полето, со што се максимизира производството и минимизира потрошувачката на вода. Тоа е возможно затоа што капалките вградени во системот создаваат компензирачки притисок кој го изедначува протокот на вода во секоја точка од системот.

Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close