fbpx
Вести

Земјоделци: Ако не нѐ лажеа дека пари има, субвенциите ќе ги добиеме брзо

subvencii(8)

Земјодлеците очекуваат по одлуката на Уставниот суд за исплата на субвенциите, парите да почнат да ги добиваат веќе од понеделник.

Земјоделците се задоволни што конечно се реши дилемата дали може да се исплаќаат субвенциите до формирање на нова влада, откако Уставниот суд реши да поведе постапка за одредбите од Изборниот законик и од Законот за спречување корупција, со кои се забранува исплатата и донесе времена мерка за запирање на извршувањето на овие одредби сѐ до конечната одлука.

За нив овие пари годинава се попотребни од која било година, бидејќи е една од најлошите години за нив.

– Ако е точно тврдењето на министерот за финансии Кирил Миновски дека има пари за исплата на субвенциите и на директорот на платежната агенција Игор Златков дека се потпишани налозите, тогаш очекуваме исплатата да тече многу брзо. Сепак, сѐ додека првите пари не стигнат на сметките на земјоделците, ќе останат сомнежите, бидејќи премногу нѐ лажеа изминатиот период. Можно е да купуваат време неколку дена со тоа дека не дошла одлуката од Уставниот суд, но ако има пари очекуваме за два до три дена да почне исплатата – вели Ристо Велков, од Сојузот на синдикати на земјоделците.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев, очекува исплатата на субвенциите да почне веќе од понеделник и таа да се одвива по утврдениот план за исплата, бидејќи годишно има по повеќе од 80.000 апликации за субвенции.

– Ако има пари и ако премиерот Емил Димитриев со кој се сретнавме неодамна го почитува својот збор до 31 мај ќе треба да заврши исплатата. Не ја знам процедурата околу одлуката, но мислам дека исплатата треба да почне во најкус рок и според планот на Платежната агенција: прво да се исплатат житариците, поледелството, па потоа градинарството и на крајот е сточарството. Не е битно дали ќе задоцнат пет или десет дена најважно е земјоделците да ги добијат субвенциите иако со задоцнување, бидејќи оваа според наше мислење е една од најлошите години во земјоделството – вели Шаклев.

Плусинфо побара информација и од Министерството за финансии околу почетокот на исплатата на субвенциите, но не доби одговор.

Вчера од Министерството изјавија дека ја чекаат одулката од Уставниот суд.

Земјоделците треба да ги добијат субвенциите за 2016 година, како и дел од 2015 и 2014 година.


 

инфоплус.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close