fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Последните млади земјоделци во Фалише кои не се откажуваат од земјата на нивниот дедо

Производство на млеко им е како основна дејност, но одлучиле да се занимаваат и со други гранки, оти како што велат ниту една не е сигурна, а откупната цена на млекото е катастрофална.

Борче и Перица Илиевски се единствените млади земјоделци во тетовското село Фалише кои егзистираат од оваа дејност. Со помош на нивниот татко тие обработуваат 90 декари површина. Голем дел од неа засадена со луцерка, пченка и пченица, останатото со зеленчук. Велат од тоа што го произведуваат голем дел оди за храна за стоката, другото едвај го продаваме на пазар. Производство на млеко им е како основна дејност, но одлучиле да се занимаваат и со други гранки, оти како што велат ниту една не е сигурна, а откупната цена на млекото е катастрофална.

-На пазар го продаваме зеленчукот, она што нема да се продаде ќе скапе, но тоа е, што да правиме, нешто од тоа што нема да се продаде го даваме и на живината, ама зависи од годината каква ќе биде продажбата. Ако има увоз не се троши нашето, ако нема се троши нашето, се зависи од годината. Ама исто така зависи и колку тука ќе се произведе, годинава добра е продажбата зашто немаше многу производство поради сушата, сега малку е поскапа цената за купувачите, но таква е сезоната сушна. Годинава е добро што нема увоз. Мора на повеќе фронтови да работиме, инаку со една гранка тешко е да се успее,  се е несигурно. Значи треба поголема контрола на увозот и подобар пласман, да има и откупни центри. Ова се проблемите кои нон стоп ги повторуваме, но бадијала, до сега ништо не се презема. Кога една гранка би била како што треба, еве на пример состојбата со млекото, тогаш јас со мојот брат би се насочил кон тоа и нема потреба од друго, сега сме растргнати од се по малку за да просперираме, а и на пазар одиме за продажба каде многу губиме време, вели младиот земјоделец Борче Илиевски.

Неговит брат вели дека и покрај тоа што се растргнати на повеќе страни, тие во просек не можат да извадат ниту една просечна плата. Но, традицијата, а и влогот во земјоделието со генерации се причината поради кои не се откажале од оваа дејност.

-Ние останавме да се занимаваме со земјоделие затоа што од времето и дедо ми и татко ми имале големи површини со ниви, тоа е традиција, не сакаме да ја оставиме земјата, а и многу имаме вложено во механизација, вели Перица Илиевски.

Тој додава дека повеќе не планираат со неговиот брат да конкурираат за мерките кои се нудат преку Платежната агенција , оти како што вели се работи за мерки кои за да ги добиеш треба да исполниш многу европски стандарди, но има пред се и многу бирократска процедура, што  кај нас институциите не ја решаваат брзо ,а од Европа сме многу далеку, вели младиот земјоделец.

-Пред неколку години  конкуриравме за мерките, но сега веќе не, се е бирократија. Се бара од институциите документи, а таму одиш и те праќаат од едно место на друго, а исто така искрено ние не можеме да ги исполниме тие европски стандарди. Ние досега преку мерките сме зеле некоја механизација, но во иднина не планираме да конкурираме ако не се сменат работите, додаваат браќаат Илиевски. 

Зоран Димовски за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close