fbpx
Двор и градина

Како се применува зеленото ѓубрење?

kako se primenuva zelenoto gjubrenje

Освен органските ѓубрива, за исхрана и подобрување на физичко-хемиските својства на почвата се користат земјоделски култури специјални за таа намена, попознати како култури за зелено ѓубрење или сидеранти. За оваа намена најчесто се користат култури од фамилијата легуминозни растенија, кои имаат способност за исхрана од воздухот да го користат азотот, а неговиот вишок да го складираат во кореновиот систем. Културите наменети за зелено ѓубрење имаат пониска хранлива вредност споредена со онаа што ја поседува арското ѓубре. Така, 1 тон зелена маса одговара на 0,3–0,4 тони арско ѓубре. Имајќи ги предвид и манипулативните трошоци кои се однесуваат на транспортот и растурањето на арските ѓубрива, многу поповолна е употребата на култури за зелено ѓубрење. Како култури за таа намена може да се користат повеќе поледелски, градинарски, индустриски и други култури. Најголема примена наоѓаат културите од фамилијата на легуминозните растенија. Како покарактеристични култури ќе ги наведеме лупината, граорот, сточниот грашок, баклавата, фацелијата, инкарнатската детелина, сојата, маслодајната репка и др. Граорицата и сточниот грашок треба да се сеат во смеска со житни култури со цел да им се овозможи побуен пораст.

При изборот на култури за зелено ѓубрење треба да им се даде предност на оние кои обезбедуваат поголемо количество зелена маса. Граорор и грашокот обезбедуваат над 40 т/ха, додека лупината обезбедува поголемо количество растителна маса од 45 до 70 т/ха. Сеидбата на културите за зелено ѓубрење е тесно поврзана со климатските услови, врнежите и непосредните работни операции во насадите. Граорицата и сточниот грашок може да се сеат во есен или напролет така што нивното заорување да биде пред периодот на интензивната заштита на овошките. Најповолно е ако тие се заоруваат во втората половина на мај. Пониските култури, како што се сојата, лупината и други, можат да се засеат подоцна, така што заорувањето се врши во летниот период. Кај сите засеани култури задолжителни се резидбата, собирањето на гранките и изнесувањето на насадите.

Останатите работни операции меѓу кои и фитозаштитните прскања може слободно да се извршуваат и притоа движењето на механизацијата да биде по истите траги. Заорувањето на зелената маса се врши во фазата полно цутење, како и формирање на мешунки. Во таа фаза растенијата содржат најголем процент хранливи материи. Се препорачува пред заорувањето да се изврши ѓубрење со азотни ѓубрива во количество 30–40 кг/ха, кое истовремено ќе послужи како храна за корисната микрофлора која ќе овозможи побрзо разложување на органските материи. Пред заорувањето растителната маса треба да се раздроби и легне на почвата заради подобро заорување и внесување во подолните слоеви во почвата. По обработката, ако нема врнежи, се препорачува површинско наводнување со цел да се забрза процесот на хумификација (разложување на органските материи).

Тагови

Слични написи

Еден коментар

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Back to top button
Close