
Македонското земјоделство веќе ја живее климатската криза
Во земја со околу 180.000 земјоделци, климатските промени веќе не се далечна закана, туку секојдневна реалност што директно го намалува приносот и го зголемува ризикот од штети
Сè поекстремните температури, намалените врнежи и зачестените суши го ставаат македонското земјоделство пред сериозен предизвик. Во земја со околу 180.000 земјоделци, климатските промени веќе не се далечна закана, туку секојдневна реалност што директно го намалува приносот и го зголемува ризикот од штети. На Светскиот ден на метеорологијата, експертите предупредуваат: адаптацијата не е опција, туку нужност – а времето за дејствување истекува.
Како што пренесуваат во соопштението од ГИЗ, последната деценија, 2011-2020, е најтоплата од почетокот на метеоролошките мерења во земјата, а регистрирани се и повеќе од 14 дополнителни денови со топлотни бранови. Проекциите покажуваат пораст на температурите до 2050 година и намалување на врнежите, особено во лето, што за земјоделството значи помала предвидливост и поголем ризик.
Професорот Ордан Чукалиев од Факултетот за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) предупредува дека проблемот не е само во количината на врнежи, туку и во нивниот сè понеповолен распоред.
– Врнежите, за жал, се намалуваат, не само по вкупна количина, туку и по својот распоред, што е особено неповолно за земјоделството. Во периодот на вегетација ќе има уште помалку вода, а во исто време ќе се соочуваме и со поплави, бидејќи врнежите ќе бидат поретки, но поинтензивни. Почесто ќе има и мраз, но и суши и топлотни бранови. Промените имаат силно негативно влијание врз земјоделството, кое е директно изложено затоа што се одвива на отворено, каде што климатскиот ризик брзо и силно се претвора во штета. Мораме напредните технологии и практики да ги донесеме на нивите ако сакаме да ја обезбедиме иднината на нашите деца, затоа што промените што нè очекуваат се сериозни. Толку сериозни, што постои ризик и онака чувствителните и сушни подрачја во земјата дополнително да се прошират и уште посилно да нè погодат. Mора да бидеме подготвени. Ова е моментот кога треба да се дејствува. Ако чекаме промените целосно да нè стигнат, тогаш веќе ќе биде предоцна – посочува Чукалиев.
Стеван Орозовиќ, извршен директор на Националната федерација на фармери, вели дека земјоделците во последните години најмногу се соочуваат со зголемени температури, долги сушни периоди, нестабилни врнежи и појава на мраз во критични периоди од вегетацијата.




