Тајните на Девините кули и пештерата Пешна
Во западниот дел на Македонија, во средиштето на областа Порече, оддалечено на околу 8 км од малото гратче Македонски Брод, во правец на Самоков се наоѓа живописното планинско село Девич, сместено во прекрасна зелена недопрена природа која жителите успеале да ја сочуваат со својата вековна изолираност. Во неговата близина, на врвот на еден тесен карпест рид кој од три страни е обиколен со текот на Девичка река, се издигаат Девините кули, остатоци од тврдина од 14 век. Од локалитетот е останат само мал дел, но по дебелината на ѕидовите од два метра може да се заклучи дека била огромна тврдина која во тоа време претставувала центар за живеење на целиот крај.
На другиот рид преку патот, од десната страна по долината на реката Треска во Поречкиот базен се наоѓа една од најголемите пештери, Пешна. Иако не е многу длабока, таа има грандиозен влез со димензии 16,8 х 52,4 м и таваница од 30 м височина. Од северниот дел на пештерата, по дождовите и снеговите избива реката-понорница Пешна, која во лето наполно пресушува. Во пештерата е откриено дека на 200 м под земјата има езерце со живи риби, што е атракција за туристите. На самиот влез постојат остатоци од ѕидините на средновековна тврдина и црква. Денес пештерата Пешна е споменик на природата.
Интересни се преданијата за овие знаменитости. Се претпоставува дека кулите се од времето на јунакот Крале Марко. Тој имал неколку сестри. Најстарата, убавицата Дева, живеела во кулите. По неа тие биле наречени Девини кули, а од таму и селото го добило името Девич. Пешна, другата сестра на Крале Марко, живеела во тврдината крај големата пештера која се гледа од Девините кули. Пештерата по неа го добила името. Инаку, Пешна во весникот „Њујорк тајмс“ е опишана како идентична на измислените пештери во книгата „Господарот на прстените“.
Мистериозни се тајните на Девините кули и пештерата Пешна. Жителите на селото Девич и ден денес живеат со овие легенди кои само ја надополнуваат убавината на Поречието и ги мамат туристите да ја посетат.