fbpx
Агро бизнисМакедонијаТоп вести

Дали тутунарите ќе бидат повторно изманипулирани и пренесени жедни преку вода?, коментар на Игор Мирчески

Има ли затскириени сценарија во измените за Законот за тутун?

Дали измените на законот за тутун ќе бидат повторно изборно, (што би се рекло – лажно) ветување пред тутунарите во пресрет на локалните избори на есен?

Ова е дилемата која виси пред производителите на тутунот и нивните семејства.

Фото – Игор Мирчески

 

Но, да почнам по ред, со цел да укажам на затскириените можни сценарија.

Тутунопроизводството несомнено е една од најважните земјоделски гранки во државата која бележи долга традиција создавајќи еден препознатлив бренд кој со успех низ годините опстојува и се одржува на високо ниво.Тоа го покажуваат и бројките, бидеќи Македонија е високо позиционирана, како втора земја производител на ситнолистен ориентален тутун во светот, после Турција.

Актуелниот закон за тутун, производи од тутун и сродни производи, голем број на експерти сметаат дека со измените од 2019 година, донесени од предходната влада, се на штета на производителите и истиот е предмет на незадоволство со кој актуелната власт предизборно уште во 2021 година, за време на тогашните локални избори го критикуваше и го бараше гласот на тутунарите, во сите „тутунски“ општини и ветуваше негови измени.

Измените на Законот исто така беа големо ветување на актуелната власт за време на последните парламентарни избори, но сега надоградено и надополнето со измени и забрана на увоз на ситнолистен необработен тутун, со фразата „100 дена по преземањето на власта“.

Се бараше и се доби подршката од тутунарите! Тоа е факт, но и после 1 година од власта, измени на законот за тутун НЕМА!

Во последниот период, во високите кругови на таканаречената „тутунска мафија” дури и се шпекулира дека најголемите три од десетте на број откупувачи во државата обезбедиле договор со највисоките чинители на актуелната власт за пролонгирање на овие измени за време на нивниот мандат, или доколку тоа не можно, тие измени да бидат само чиста козметика за да не се наруши сегашната „лагодна“ позиција која ја имаат. За оваа услуга наводно се исплатиле неколку милиони (се разбира во евра) како „награда“, да не се става забрана на увозот на необработен тутун, одредба која е во актуелниот закон, а на штета на сите тутунопроизводители.

Дека нешто „смрди“ во оваа насока го потврдува и фактот дека во моментот во Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство е формирана работна група која работи и треба да ги подготви измените на Законот за тутун. Според информациите кои протекуваат, од дел од членовите на истата, истите се исправени пред голем предизвик. Насоката која е добиена од „врвот“ за измените највероватно ќе биде навистина само една козметика, па сега мака мачат како тоа да се нашминка и убаво да звучи пред тутунарите, а во пракса законот да не претрпи никакви суштински измени.

Дали тутунарите уште еднаш ќе бидат изманипулирани и ќе добијат повторно нож во грб  и дали овие шпекулации ќе се потврдат за кратко ќе дознаеме. До тогаш тутунарите ќе бидат најбројното и најпосакувано гласачко тело кое го дава гласот за онаа партија која поумешно ќе ги „излаже“ во време на предизборна кампања.

 

Коментар за Игор Мирчески за „Зелена берза“, добар познавач на состојбите во земјоделието

 

 

 

 

 

(Ставовите изнесени во колумните и коментарите не се ставови на редакцијата на Зелена берза.мк. Затоа редакцијата не сноси одоговорност за содржината на истите) 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close