Во Кавадарци произведено првото зелено вино во светот

(Oвој напис е објавен на: March 3, 2017)

vo kavadarci proizvedeno prvoto zeleno vino vo svetot

Два месеци откако шпанската компанија „Гик“ го промовираше првото сино вино, и го сврте вниманието на винската јавност врз себе, во Македонија е произведено првото зелено вино, кое со својата изразита боја, делува и тоа како примамливо и атрактивно. Иноватор на овој експеримент е професорот Влатко Тасев од Кавадарци кој вели дека во својата винска работилница креирал зелено и сино вино уште пред десетина години, но никогаш не ги промовирал истите.

Направени од одбрани зрна грозје од најдоброто тиквешко грозје, за разлика од шпанското сино вино, и зеленото и синото вино на професорот Тасев се целосно органски и ги содржат сите вински карактеристики, особено оние кои важат за белите сортни вина.

Потврда за нивниот квалитет се и бројните пофалби кои стигаат од сите оние кои допреле до неколку голтки од виното кое Тасев со задоволство го споделува, но и од екипата на специјализираниот сајт за вино, www.vinotika.com која разговараше со професорот Тасев за првото зелено вино во светот.

www.vinotika.com: Професоре, шпанците пред неколку месеци се пофалија дека го направија првото сино вино, а денес ние го дегустираме и наздравуваме со веројатно првото зелено вино во светот?

Влатко Тасев: Официјално, да, сега го промовираме, иако на оваа тема со еден колега експериментиравме уште пред десетина години, и правевме и сино и зелено вино. Беше интересно, возбудливо, за некого и смешно, но во најголем дел од случаевите ексклузивно.

www.vinotika.com: Значи ова што пред два-три месеци го направија шпанците и од тоа направија невидена светска атракција, не е ништо ново?

Влатко Тасев: Овој начин на претставување на виното го експериментиравме од поодамна, но можеби тогаш не било созреано времето за вистинска промоција.

www.vinotika.com: Потребата да се има нешто ново, уникатно на пазарот е причината поради која синото вино стана светска атаркција, или се работи за нешто сосема друго?

Влатко Тасев: Наша инспирација да ги направиме синото и зеленото вино беше потребата за промена, за експериментирање, за нешто сосема ново. Виното е производ на боговите, еликсир на младоста, големи зборови кои значат многу, но сепак секогаш се бара нешто ново. Еве дојде време кога шпанците промовираа сино вино.

www.vinotika.com: Доколу сме имале начин да го промовираме синото вино кое сте го направиле пред десетина години, ќе бевме ли на некое повисоко ниво во светот на виното. Сакаме да кажеме дека сме винска земја, особено ние од Тиквешијата, но очигледно сеуште ни недостасува промоција за да бидеме на рамниште на Франција, Италија, па и Шпанија кои ги диктираат новите трендови во винската индустрија…

Влатко Тасев: Да се споредам јас со Македонија. Значи јас сум ентузијаст во целата оваа работа, и правам некои 500 до 1000 литри вино за свои потреби, но и сакам да пробам нешто, експериментрам, најчесто со пробани рецепти и некои мои, но се е сосема природни. Секој нов производ го пробувам одредено време, па потоа го споделувам со пријателите. Да се навратам на прашањето. Како што сум јас мал производител во Македонија, така и Македонија е мала во светски рамки, па не знам дали би успеал да го пробијам овој производ на глобалниот пазар, за разлика од Шпанците кои се многу блиску до французите и италијанците по нивото на винската култура, и со добра реклама успеале да го пробијат синото вино, кое сепак е добро за промена.

www.vinotika.com: Ви помага ли некој во експериментирањето?

Влатко Тасев: Читам доста, гледам, слушам, и создавам мои идеи кои ги чувам во главата, кои дури и на синот не му се пренесени во целост.

www.vinotika.com: Каква е реакцијата на луѓето кога ќе им сервирате зелено или сино вино?

Влатко Тасев: Бомбастична. Има многу коментари, но во секој случај се воодушевени.

www.vinotika.com: Што најмногу воодушевува, вкусот или бојата?

Влатко Тасев: Практично се работи за промена на пигментот кој е составен од природни материјали. Виното е такво какво што е, и не менува ниту мирис, ниту вкус. Воглавно е мешавина од бели сорти, но има и еден мал дел на црно грозје во составот за да ја доби онаа убава индиго боја.

www.vinotika.com: Доаѓаат ли луѓе да Ви побараат од зеленото или синото вино?

Влатко Тасев: Па доаѓаат, воглавно пријатели и роднини кои следат она што го постирам на социјалните мрежи, па речиси сите залихи од лани се веќе истрошени, така да чекам ново вино од годинашната реколта.

www.vinotika.com: Дали некоја од македонските винарии до сега покажала интерес да го откупи Вашиот рецепт?

Влатко Тасев: До сега не. Веројатно немат добиено сознание дека постои воопшто, затоа што за ова вино знаат само моите пријатели.

www.vinotika.com: Доколку некоја од винарските визби се заинтересира за производство на зелено вино и Ви понуди добар договор, подготвени ли сте да го дадете рецептот?

Влатко Тасев: Рецептот е мала семејна тајна. Многу често мои пријатели и познаници бараат рецепт и за мојата ракија, кој го споделувам со нив, но на крајот секогаш останува нешто што не се открива.

www.vinotika.com: Од каде желбата да се експериментира токму со виното?

Влатко Тасев: Па некој тоа го нарекуваат љубов, некој мерак, некој хоби, но во секој случај сакам да го правам тоа.

www.vinotika.com: Колку вие уживате во виното?

Влатко Тасев: Многу, многу, би рекол хедонистички во виното и гурмански во храната.

www.vinotika.com: Доколку на маса имате црвено, бело, розе, сино или зелено вино, кое би го одбрале?

Влатко Тасев: Секое на свое место. Значи, традиционалното си е традиционално, а ова е само мала промена која не треба да се свати како уништување на имиџот на виното, затоа што сепак тоа е една голема наука.

www.vinotika.com: Со што би ни го препорачале зеленото вино?

Влатко Тасев: Па најмногу за свечени моменти, на родендени послужено со десерти, но и со се она што всушност практично оди со белото вино. Ова е всушност неутрално бело вино со мала доза од мускат кој му дава ароматичност.

www.vinotika.com: Во Вашата мала домашна, како што и Вие сами милувате да речете винска работилница, покрај овие вина со невообичаени бои, се произведуваат и други производи од грозје.

Влатко Тасев: Па добро, да не испадне реклама, но специјалност ми е ракијата, која е одлична според зборовите на консументите, но сепак зборуваме за сосема мала количина.

www.vinotika.com: До кога професоре ќе експериментирате со производите од грозје?

Влатко Тасев: Додека има душа во мене, меракот за производство на убави вина нема да престане. Всушност, мислам дека сме вљубени еден во друг, тоа во мене, а јас во виното.

Share Button