fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Само 2 проценти од краварските фарми ги исполнуваат критериумите за производство на квалитетно млеко

Дури 98% од фармите ќе мора да работат на подобрување на условите

Лани заврши процесот на категоризација на одгледувалиштата на молзни крави во земјава. Процесот започнат уште во 2016 година, како дел од активностите кои се преземаат за спроведување на Планот за унапредување на квалитетот на суровото млеко и обезбедување на исполнетост на соодветната легислатива на Европската Унија во однос на критериумите за број на микроорганизми и соматски клетки и хигиенско – здравствените барања за краварските фарми. За изминатиот период од 4 години извршена е категоризација на одгледувалишта на молзни грла според ризик согласно претходно усвоен акциски план во насока на унапредување на квалитет на сурово млеко. Категоризацијата е спроведена од страна на АХВ при што е користено упатство за начин и постапка за спроведување на регистрација категоризација на молзни грла според ризик со унапредување на квалитет на сурово млеко. Категоризирани се сите 5.994 примарни производители кои го предаваат млекото во млекопреработувачки капацитети.

-Во овој период формирани се работни групи на ниво на АХВ кои остварија средби со работни групи од МЗШВ и извршија еднодневни обуки со фармерите и претставници од млекарите. Тема на овие средби беа 2 клучни критериуми:

  1. Унапредување на безбедноста на суровото млеко,
  2. Здравствена заштита и благосостојба на животните.

Сето ова е законски поткрепено со Правилникот за безбедност и хигиена и начин и постапка на вршење службени контроли на млекото и млечните производи број 26 / 2012 (Регулатива на ЕУ 853/2004). Во овој период се извршени категоризации и дадени забелешки и насоки за подобрување на квалитет на сурово млеко за постигнување параметар вкупен број на микроорганизми 100 илјади и 400 илјади соматски клетки во млеко од проба.

-Согласно контролите на терен, утврдено е дека се работи за мали недоследности кои лесно може да се надминат со едукација на фармерите, односно со подигнување на степенот на хигиена во самите фарми, подобрување на начинот на измолзување, одржување на хигиена на молзната опрема, како и начинот на чување на животните во шталата, со што без многу големи финансиски трошоци за фармерите релативно лесно може да се постигнат овие параметри за квалитет и безбедност на млекото. Потребно е само подигнување на свеста и смена на навиките, рече Николче Бабовски директор на АХВ.

Обезбедување на овој параметар на суровото млеко ќе ги отвори вратите на млекарите за извоз на нивните производи во ЕУ. Млекото кое нема да ги исполнува овие критериуми ќе мора да се употребува само за производство на тврда програма – сирење кое ферментира 60 дена. Дополнително ова е отежнато бидејќи сите млекарници не работат со таканаречена тврда програма односно не произведуваат преработки од млеко како што се сирење, кашкавал и слично.

За пофалба е што дел од млекарите се веќе вклучени во подобрување на условите на фарма на своите кооперанти и нивни екипи од ветеринари активно работат на терен. АХВ  во рамки на тековниот проект „Подобрување на спроведувањето на законодавството за здравствена заштита на животните, безбедноста на храна и фитосанитарното законодавство и соодветните информативни системи“ кој е финансиран од ЕУ (ИПА 2015) ја започнува кампањата за подигнување на свеста на примарните производители за квалитетот на суровото млеко. Креиран е план за реализација на активностите, подготвени се брошури, постери и видео материјали кои се однесуваат на хигиената, опремата на измолзување и начинот на чување и благосостојба на животните, во насока на подобрување на квалитетот на суровото млеко.

 

Подобрување на хигиенските услови во фармите

Општиот бенефит е обезбедување на високо квалитетна и безбедна суровина конкурентна за пазарот на ЕУ, како и суровина која нема да го наруши јавното здравје. На ваков начин ќе се обезбеди и подобра почетна позиција во однос на цената на суровото млеко кај самите млекари.

-Апелираме до сите примарни производители, во нивен интерес е да ги подобрат хигиенските услови на фармата кои ќе резултираат со подобрување на квалитетот, а притоа не се потребни поголеми финансиски вложувања во тој процес, освен средства за дезинфекција и хигиена на вимето и опремата додаде, Бабовски.

За да може млекото да се стави во промет, потребно е исполнување на барањата во поглед на здравствената состојба на животните за производство на сурово млеко, хигиената на одгледувалиштата, просториите и опремата за производство на сурово млеко, исполнување на хигиенските барања во текот на молзењето, собирањето и транспортот на суровото млеко и хигиенските барања за сурово млеко.

Во поглед на хигиенските барања за просториите и опремата, одгледувалиштата од кои се добива сурово млеко, опремата за молзење и просториите каде што млекото се складира, се ракува и се лади, да биде поставена и конструирана за да го намали ризикот од контаминација на млекото, просториите за складирање на млекото треба да бидат заштитени од штетници, да се соодветно одвоени од просториите каде животните се сместени, да ги исполнуваат хигиенските барања во текот на молзењето, собирањето и транспортот на млекото и кога е неопходно, да имаат соодветна опрема за разладување. Површината на опремата која доаѓа во контакт со млекото (садови, контејнери, цистерни и друга опрема наменети за молзење, собирање или транспорт) треба да се лесни за чистење и дезинфекција и да се одржуваат во добра состојба, со користење на материјали кои се мазни, лесни за миење и не се токсични.

По употребата, површините на опремата која доаѓа во контакт со млекото треба да се исчистат и по потреба да се дезинфицираат. По секоја серија или по секоја група на серии кога временскиот период меѓу истоварање и следно товарање е многу краток, но најмалку еднаш дневно, контејнерите и цистерните кои се користат за транспорт на млеко треба да се исчистат, дезинфицираат на соодветен начин пред повторно да се употребат. Просториите во кои млекото се складира и преработува, како и транспортните средства и опремата која доаѓа во контакт со млекото за време на процесот на производство, преработка и транспорт треба да ги исполнуваат пропишаните барања.

Во поглед на хигиенските барања за време на молзењето, складирањето и транспортот треба да се обезбедени хигиенските предуслови – пред да започне молзењето, боските, вимето и околните делови да се чисти, млекото од секое животно да е прегледано органолептички или за присуство на физичко – хемиски абнормалности од страна на молзачот или со метод со кој се постигнуваат слични резултати и млекото кое има такви абнормалности да не се користи за исхрана на луѓето млекото од животни кои покажуваат клинички знаци на болести на вимето, да не се користи за исхрана на луѓето, односно да се употребува во согласност со добиените упатства од ветеринарен лекар. Потребно е да се изведе идентификување на животните кои подлежеле на медицински третман со кој евентуално би се пренеле резидуи во млекото, и млекото добиено од такви животни пред пропишаниот период на каренца да не се користи за исхрана на луѓето. Да се користат само средства за промивање на боските или спрејови кои се одобрени за употреба веднаш по молзењето, млекото треба да се чува на чисто место, дизајнирано и опремено за да се избегне контаминација и веднаш да се излади на температура не повисока од 8°С. За време на молзењето и при собирање на млекото, треба да се обезбеди заштита од надворешна  контаминација и од временски услови. Суровото млеко може да се транспортира во специјални цистерни, контејнери или садови кои оневозможуваат контаминација на млекото и истите не може да се користат и за превезување на други материи.

Во текот на транспортот треба да се одржува ладниот температурен режим и со пристигнување во објектот, температурата на млекото не смее да биде повисока од 10°С, лицата кои го вршат молзењето и ракуваат со суровото млеко треба да носат соодветна и чиста облека и треба да одржуваат висок степен на лична хигиена, а во близина на местото на молзење треба да има соодветни простории за лицата кои го вршат молзењето и ракуваат со суровото млеко, да ги мијат нивните раце.

 

Тим на Зелена берза

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close