вестиТоп вести

Пазарџиите се жалат на опаднат промет, високите цени за закуп и лошите услови

Пазарџиите бараат пониски цени за закуп на тезги. Кон крајот на минатито месец поднеле и официјално барање до Скопски пазар, во кое што наведуваат рок проблемот да се реши најдоцна до крајот на идната недела. Во спротивно најавуваат генерален штрајк. Пазарџиите бараат цената за месечен закуп на тезга да се намали на 3.600 од сегашните 5.250 денари.

“Има дискриминација во однос на наплатата, нерамномерност, селекција. Јас, на пример, како закупец треба да платам месечна закупнина од 5.250 денари, додека, на пример, некој, дури ни сама не можам да објаснам по кој критериум, дневно го закупува продажното место и плаќа дневен баждар од 100 денари. Во тие 100 денари тој не е пријавен ниту во Управата за јавни приходи, додека, пак, јас треба да платам и према УЈП. Поради тое што се јавуваше нерамномерност спрема нас тезгаџиите, ние предложивме да се пристапи кон намалување на цената на тезгите, 3.600 денари месечно за сите, за да нема дискриминација и расправии меѓу нас”, вели Маја Стојановска, претставничка на пазарџиите од Зелен пазар.

Пазарџиите се жалат дека прометот е опаднат, а давачките се превисоки. Вкупните месечни давачки им надминуваат 20.000 денари, поради што тешко опстануваат, а дел од нив размислуваат и да ги напуштат тезгите.

Од Групацијата на пазари при Стопанската комора детали во врска со овој проблем најавуваат за следната недела. Во кусото соопштение до јавноста велат само дека
“Одлуката за цените на тезгите во градовите каде организаторите на пазарите се формирани од општините, цените за закуп се усвојуваат на советот на општината. Во Скопје цените се утврдуваат на УО во рамки на компанијата која е сопственик на зелените пазари. При тоа за различни пазари согласно местоположбата цените варираат.”

Во меѓувреме, пазарџиите и натаму се во неизвесност во врска со новиот Закон за трговија на зелени пазари. Неговата примена беше одложена до почетокот на 2020 година по притисокот од закупците на тезги, бидејќи новото законско решение им наметна дополнителни давачки, но и ограничувања за тој кој може да закупи тезга.

Извор:

Слични написи

Back to top button
Close