Утре во Куманово  ќе се одржи  саем на органски производи и традиционална храна

(Oвој напис е објавен на: September 20, 2019)

Утре во Куманово по втор пат ќе се одржи „Саем на органски производи  и традиционална  храна“. Оваа година саемот има меѓународен карактер и се очекува  да присуствуваат 100 излагачи од земјава и странство.

Саемот ќе се одржи во спортската сала во Куманово со почеток од 10 часот. Целта е да се зголеми  јавната свест за проблемите и предизвиците со кои се соочуваат органските производители од руралните средини и изнаоѓање на начини за нивно надминување. Приоритетна цел е да им се даде видливост на органските производи и производители.

Покрај операторите со храна, свој интерес за учество на манифестацијата пројавија и компании што се занимаваат со производство и трговија на опрема и амбалажа за преработка, пакување, обележување и следење на прехранбени производи, како и производители и увозници на препарати и ѓубрива за органско производство. Предвидена е панел дискусија на тема „Зошто да одберам органски производ?“ ,во која свое учество потврдија нутриционистите Сашко Дрвошански,Цвета Динева и Илија Бузлевски.

На манифестацијата  ќе земат учество и експерти за рурален и земјоделски развој, како и претставници од секторот за развој на руралниот туризам, кои што ќе ја презентираат моменталната состојба на теренот, ќе  покренат дискусија и ќе дадат препораки за понатамошни мерки и чекори за подобрување на животот во руралните средини.

Организатор на настанот е Здружението „Живот“ од Куманово.

 

П.Јовановска