fbpx
ВестиТоп вести

Земјоделски протести пред владата

Земјоделците од цела Македонија од сите производни региони и од сите земјоделски гранки се собраа на протести пред владата. Полицијата го блокираше маршот на земјоделците на стотина метри од владата и ги пуштија да продолжат да протестираат дури откако го истурија млекото кое го носеа, ги фрлија јаболката и грозјето. Потоа земјоделскиот протест сепак продолжи пред владата каде го изразија својот револт од состојбите во кои се наоѓа земјоделството и немањето слух од власта за решавање на нивните маки. Земјоделците од протестот побараа редовна и зголемена исплата на субвенциите, решавање на најзначајното прашање со пласманот на произведената храна која сега се фрла по реките и депониите и заштита од државата за фер откупни цени од откупувачите.

-Нашите барања беа и се уште се истите а тие им се добро познати на министрите. Да биде 800 денари субвенцијата за предадено јагне во кланица, 1500 денари да бидат субвенциите по грло и 1000 денари за задржано женско јагне а тие исплатија  само социјална помош. Нека дојдат господата од власта да спијат 6 месеци во најлон на планина па да идат како се чуваат овци а не да бараат ефтин производ, рече Митко Јанков сточар од здружението Агроцентар од Велес.

Производителите на ориз од кочанскиот регион бараат власта да си исполни предизборните ветувања за откупните цени на оризовата арпа и белиот ориз.

-Ние не бараме ништо повеќе од она што ни ветуваа во предизборието а тоа е да имаме реални откупни  цени од 25 до 30 денари за килограм оризова арпа а белиот ориз да се откупува о 50 до 60 денари за килограм. Сега оризовата арпа се откупува по 10 до 15 денари заради состојбата е катастрофална рече Драгољуб Гаврилов оризопроизводител од Кочанско

Сточарите сметаат дека со исплатата само на мал дел од субвенциите пред неколку дена не воопшто решен проблемот.

-Субвенции ни пуштија за 4 месеци а имаме за земање за 22 месеци. Бараме да биде исплатата по исти принцип како за тутунот. За предадено млеко од јануари до март во април да има исплата рече Борче Бучински сточар од Битола.

Земјоделците од пред владата упатија барање до премиерот и министерот. Ако во рок од 7 дена не седнат на заедничка маса да ги решат проблемите со земјоделството тие ќе организираат помасовни протести во регионите од каде доаѓаат.

 

МЗШВ : За две и пол години исплатени 314,5 милиони евра за субвенции за земјоделците

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и во следниот период ја продолжува политиката за навремена и неселективна исплата на субвенциите за земјоделците.

 

Во реакцијата за протестите на земјоделците во Скопје МЗШВ неведува дека според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари.

Веднаш потоа, следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, предадени домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток. Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума.

Сумирано, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство.

Досега од 1-ви јуни 2017 година за мерките од Програмата за земјоделство и рурален развој се исплатени над  19,3 милијарди денари или 314,5 милиони евра, по основ на тековни исплати и заостанати долгови од претходните 2013,2014 и 2015 година, кои минатата власт не ги сервисирала навремено.

Земјоделството е сектор кој за Владата преставува еден од приоритетните, за којшто заеднички со земјоделците се креираат мерки коишто ќе придонесат за раст на економијата, за конкурентно земјоделство, поголеми приходи за земјоделците и крајно за вреднување на трудот на земјоделецот.

По барање и во консултација со сточарите, деновиве Владата донесе одлука за нова дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена.

Во два дена се исплатија вкупно 195 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци.

МЗШВ заедно со Платежната агенција изминатите две и пол години креираше мерки за подобрување на состојбата во земјоделството, за покривање на загубите што земјоделците ги претрпуваа поради пазарните услови и временските непогоди, се решаваа долгогодишни проблеми, а субвенциите се исплаќаат навреме пред почетокот на производствената сезона.

Се реши долгогодишниот проблем на лозарите, Владата на РСМ донесе одлука за исплата на долгот  што винарските визби Повардарие, Стефани и другите регистрирани винарници го имаа кон лозарите за предаденото грозје во 2014 и 2016 година. Се исплатија над 1 милион и 250 илјади евра на 2.048 лозари. Претходно, се исплатија 9 милиони евра за основната субвенција за одржување на лозови насади, а над 1 милион евра се исплатија на сметките на 6.240 лозари, за дополнителната субвенција од 1 денари за килограм предадено грозје во регистрираните винарски визби. Во следниот период ќе биде донесена и одлука за интервентна мерка за лозарите за годинешната реколта.

Во делот на овоштарството, навреме се исплати основната субвенција за одржување на овошни насади. За овошните култури предадени во преработувачки капацитети се исплатени 75 милиони денари на 1.460 земјоделци, од кои само за предадени јаболка се 39,5 милиони денари. Дополнително со ребалансот се планирани 160 милиони денари за исплата на дополнителната субвенција од 3 денари за килограм предадени индустриски јаболка кај откупувачи.

Развојот на стратешките извозни култури е приоритет на МЗШВ. Затоа се донесе нов модел за повисоки субвенции за тутунарите во три нивоа. Субвенцијата за прва класа е 80 денари, за втора 70 денари за трета и останатите класи 60 денари за килограм. Сите субвенции за тутунот од реколта 2018 се исплатени, или вкупно 28 милиони евра. Последните две години се постигна највисока откупна цена на тутунот, односно за реколта 2017 цената беше 217,6 денари, а за реколта 2018 откупната цена беше 214,2 денари за килограм.

Во насока на порентабилно и поконкурентно производство, Владата за прв пат воведе мерка за поевтино гориво за земјоделска механизација, 30 отсто од трошоците ги покрива државата. Со мерката се опфатени  околу 55.000 земјоделци што имаат поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади. Со оваа мерка се враќаат околу 200 милиони денари назад кај земјоделците. До денеска со помош на зелените картици земјоделците имаат наточено гориво во вредност од 71,6 милиони денари.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close