fbpx
ВестиТоп вести

Нестабилни движења на извозот и увозот во земјоделството

Со извозот и увозот земјата пред сѐ се вклучува во меѓународната економија и поделба на трудот. Со нашето учество во глобалните трговски односи се промовираат нашите производи, но се шири и конкурентската способност, не само на производите и услугите туку и на конкурентската способност на целото стопанство на една земја. Денес конкуренцијата на светскиот пазар со храна и земјоделска суровина е силно изразена, особено во овој дел на светот каде што се разменуваат нашите производи, каде што се земјите со највисока продуктивност со високо развиено земјоделство – цела Европска Унија, Србија, Турција и др.

Во такви околности македонското земјоделство не можеше да се развие доволно за да биде рамноправно со овие земји. Тоа, а особено извозот и увозот, по осамостојувањето, доживеаја сериозна стагнација, пред сѐ поради дотогаш ограничената размена со храна и земјоделски суровини.

На агро комплексот во Македонија силно негативно се одразија процесите на приватизација и транзиција кога се разградија земјоделско – индустриските комбинати, па и задругите. Негативното влијание беше засилено со погрешна аграрна политика. Затоа во целиот период до денес, вредноста на извозот на земјоделството е помала од вредноста на увозот. Оправдување не може да се бара во фактот дека е дефицитарна вкупната македонска економија, бидејќи за економично и конкурентно производство земјоделството има сосема погодни и компаративни предности. Увозот беше поголем од извозот и пред и по високата поддршка на земјоделството со финансиски средства од околу шест милијарди денари (над 100 милиони евра) плус средства за рурален развој и од ИПАРД, од кои најмалку 50 проценти беа неповратни средства.

Анализата на извозот и увозот, според статистички податоци, покажува дека македонското земјоделство секојпат имало негативен показател во односните извоз – увоз. Периодот на ова истражување од 2011 до 2017 година го базираме на претпоставка дека по осамостојувањето до 2010 година имаше можност да се стабилизира македонскиот вкупен извоз, па и на земјоделството, кое од 2011 година, како дел од аграрната политика, започна да користи сериозни суми финансиски средства од над шест милијарди денари од националниот буџет. Според резултатите што ги остварува земјоделството, се чини дека финансиската поддршка не била доволна покрај другите резултати да се избалансира позитивно извозот со увозот.

Така, во овие седум години, покриеноста на увозот со извозот од земјоделството се движела од 68,88 отсто во 2017 година до 76,60 отсто во 2013 година. Вредноста на негативното салдо во овие години секојпат е помеѓу 200 и 252 милиони долари.
Загрижувачко е што македонското земјоделство и кај увозот и кај извозот опаднало во последните три години.

Земјоделството е важно за вкупната економија на земјата, па и во однос на учеството во вкупната вредност на извозот со над десет проценти.
Аграрната политика не била соодветна, бидејќи не придонела вредноста на македонскиот извоз да се зголеми над увозот, а тоа го покажуваат податоците за цената на извезена и увезена храна.
Според наши истражувања, петгодишен просек на извезената храна од Македонија остварил цена од 815 долари за 1 тон, а увезената храна имала цена од 1.164 долари за еден тон.

Ваквите податоци се резултат на недоволно развиени преработки (финализација) на земјоделските суровини и на тоа што се извезуваат пред сѐ примарни земјоделски производи, а се увезуваат главно преработени производи со додадена вредност.

За надминување на проблемот со дебалансот помеѓу извозот и увозот на земјоделството е потребно пред сѐ зголемување на обемот на производство со помош на современи технологии, високородни сорти и попродуктивни раси животни, инвестиции во комплексна попродуктивна механизација (а не само трактори). Особено е потребно развивање на преработувачката индустрија за да може да откупи најголем дел од суровините, тие да бидат преработени во високо финална храна, чија цена е многу повисока од примарните производи. Потребно е ширење на органското производство, потребно е здружување на ситните производители, брендирање и повисока поддршка на специфични производи. Се надевам дека претстојната стратегија за идниот развој на земјоделството (2021-2027) ќе биде патоказ за идниот успешен развој и за повисоко конкуретно производство со позитивен биланс помеѓу извозот и увозот.

извор: Нова Македоноја

 

Слични написи

Back to top button
Close