fbpx
ВестиТоп вести

Нов оглас за доделување државно земјоделско земјиште под закуп, понудени 834 хектари во повеќе општини

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави нов јавен оглас за давање под закуп на државно земјоделско земјиште до 3 хектари. Со овој оглас се нудат над 834 хектари државно земјоделско земјиште под закуп во Битола, Велес, Македонски Брод, Гевгелија, Демир Хисар, Крива Паланка, Кратово, Струмица, Пробиштип и Тетово.

Почетната цена по хектар за површини до 3 хектари изнесува 25 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од I до IV катастарска класа и 15 евра во денарска противвредност за земјоделско земјиште од V до VIII катастарска класа, по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.

Доколку земјоделското земјиште се наоѓа во планински подрачја, почетната цена за земјиштето од I до IV катастарска класа изнесува 15, а за земјиште од V до VIII класа изнесува пет евра во денарска противвредност, по среден курс на Народната банка на Република Македонија на денот на уплатата.

Земјоделското земјиште во државна сопственост кое се дава во закуп со овој јавен оглас е со намена за:
-подигање на долгогодишни насади (лозја, овоштарници, хмељ) и оранжерии за период до 30 години,
-подигање на долгогодишни насади со лешник за период до 70 години,
-подигање на маслинарници за период до 50 години,
-одгледување на други земјоделски култури за период до 15 години,
-ливади за период до 15 години,
-за одгледување на брзорастечки дрвја на земјоделско земјиште што  се наоѓа на надморска висина над 700 метри, за периодот до 30 години,
-рибници до 20 години и
-спортско-рекреативни активности и рурален туризам до 30 години

Право на учество на јавниот оглас имаат сите домашни физички и правни лица како и странски правни лица, кои немаат склучено важечки договор за закуп на државно земјиште со МЗШВ.

Понудите и документацијата треба да се достават до 4.10.2018 година, а јавното отворање ќе се одржи 9.10.2018 година во големата сала за состаноци во Министерството за земјоделство, со почеток од 10 часот.

Министерството во изминатиот период преку четири активни мерки понуди над 4.380 хектари државно земјоделско земјиште под закуп. Роковите за аплицирање на дел од овие јавни огласи се завршени и понудите се обработуваат.


 

makfaks

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close