fbpx
ВестиТоп вести

Органското производство има иднина, потребни сигурен пласман и повисоки цени

 

 

 

Тиквички, модри патлиџани, домашно произведено пиво, сапуни, сок од малини, мед… Долг е списокот на производи што можеа да се најдат на Меѓународниот саем на органска и традиционална храна „Органска трпеза“, што се одржа во Куманово. Стотина излагачи, земјоделци од државата, од Бугарија, Србија, Ерменија, Хрватска и Словенија, етаблирани компании, фармери, ги промовираа производите, а сладокусците уживаа во мирисите, боите, вкусовите на различните производи. Поголем дел изложувачи сметаат дека органското производство има иднина, некои веќе извезуваат, едни на почеток од производството се едуцираат, други бараат откупни центри, трети поголема поддршка.

Во едно се согласуваат – мора да се консумира органска храна, хемијата кога-тогаш ќе го земе својот данок. Праски, кајсии, јаболка, круши, бадеми и лешници на површина од 25 хектари произведува Ангелчо Димитриев од пробиштипско Зарапинци, на посед помеѓу Свети Николе и Пробиштип, во чиста незагадена средина. Избраздените раце на производителот покажуваат со каква енергичност ги произведува овошките.

– Има иднина во органското производство. Почнуваме од мај со цреши, продолжуваме речиси со сите овошки карактеристични за нашето поднебје, сè до октомври. Производите ги пласираме во Скопје, не прашуваат за цена, веднаш ги земаат, вели Димитриев. Тој најави дека ќе го прошират органското производство, овој пат со компоти. Некои потрошувачи барале и горчливи семки од македонска автохтона праска и кајсија, кои ги користат како алтернативни начини за лекување. Марјан Стојнев произведува сапун по традиционален рецепт од органско козјо млеко.

– Ако не го возобновевме, тој рецепт ќе изумреше, вели производителот. Во сапунот додава ладно цедено маслиново масло, кокос, ништо не вари, се задржуваат потребните состојки, кои благотворно дејствуваат на кожата.

– Има иднина во органското производство, бидејќи мора да сме здрави. Со години ќе дојдеме во состојба да потрошиме многу повеќе пари во здравството отколку за органски производи, вели Стојнев. Изложувачите од Бугарија велат дека Балканот има идеални услови за органско производство. Кристина Мурџова од „Амитица“ од Бугарија вели дека и на овие простори сè повеќе луѓе користат органска храна.

– Увидовме дека хемијата не дава резултати, светските тенденции се тие, што значи дека и ние мора да фаќаме чекор со нив, вели Мурџова. Таа им препорача на производителите повеќе да читаат на оваа тема, да се информираат. Во Бугарија користат и посебни програми од ЕУ за органско производство. Драган Манев шеста година е сертифициран органски производител на овошки и градинарски производи на ниви во село Паликура, Општина Росоман. Тој бара поддршка од институциите во однос на откупот на производството.

– Производството ми останува во нивата, скапува. Јас произведувам, сакам да наплатам, но тешко е. Никој не обрнува внимание. Само ме удираат по рамо и ми велат браво. Од браво не се живее, вели Манев. Сокови од малина, капина, вишна, шумско овошје произведува Владимир Петровски од Скопје. Овошките се органски и соковите, кои имаат девет дена рок на траење. Единствен на саемот што понуди пиво е Марјан Костадиновски, кој произведува домашно пиво од сопствени резерви на јачмен и хмељ органски произведени во Петровец. Го преработува сладот, го суши, го пече на одредена температура за пивото да добие соодветна боја.

– Ова е аматерски обид, бидејќи законски не е регулирано домашното производство на пиво. Се трудиме да издејствуваме измени во регулативата бидејќи заостануваме во однос на сите земји по однос на ова прашање, вели Костадиновски. Дражавата мора да биде пофлексибилна за малите производители, побара произведувачот на пиво, додавајќи дека не можат да важат истите услови како за големите компании. Агрономот Зоран Ѓорѓевиќ од позната производно-извозна компанија вели дека европските земји го ценат македонското органско производство.

– Макотрпно е органското производство. Приносите се доста помали во однос на конвенционалното производство, но има услови за пласман надвор, има заинтересирани, бидејќи нашите продукти се ценети. Државата се третира како подрачје за производство на релативно здрава храна, вели агрономот. Министерот за земјоделство, водостопанство и шумарство Трајан Димковски најави дополнителна поддршка за органските производители.

– Поддршката преку директните плаќања кај органските производители е зголемена од 50 до 100 проценти од поддршката кај конвенционалните земјоделски производители. Во финална фаза е и подготовката на мерката за сертификација на региони, а до крајот на годинава ќе се објави и мерката за поддршка на отворање органски продавници, рече министерот Димковски. Манифестацијата, која има за цел промоција на органското производство, ја организира Здружението за развој на земјоделството и заштита на животната средина „Живот“ од Куманово со поддршка од амбасадите на Швајцарија и на Србија, Општина Куманово, Програмата за зголемување на пазарната вработливост „ИМЕ“, имплементирано од „Паладиум“, Постојаната група за регионален рурален развој на земјите на Југористочна Европа. Претседателката на здружението Благица Цветковиќ вели дека „Органска трпеза“ е  изложбен простор каде што можат да се видат органски производи, на едно место да се соберат производителите и на органски производи и на традиционална храна, да разменат искуства, идеи за ширење на производството.
Органското производство има иднина, потребни сигурен пласман и повисоки цени.

Извор: Опсервер.мк

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close