Оризот на нивите добро напредува
Жешкото летно сонце е добредојдено за полињата со ориз. Земјоделците очекуваат добар род доколку есенските дождови не ја попречат жетвата. Вкупното производство сепак ќе биде двојно помало поради помалку засеаните површини за време на сеидбата кога немаше доволно вода.
Годинава високите температури и оптималните количества на вода за наводнување, според земјоделските стручњаци, се добри за оризот кој досега успешно напредува, особено од почетокот на август кога се формира зрното во класот.
Доколку есенските дождови не ја попречат жетвата се очекува над просечен род.
Годинава со ориз беа засеани 2.500 хектари или за 50 проценти помалку од лани поради долготрајната суша која ја испразни акумулацијата Калиманци.
Оризопроизводителите не очекуваат проблеми со пласманот иако во моментов се уште има залихи од лани.
Трговците се заинтересирани за откуп на оризот. Цената која се нуди е за 3 до 5 денари повисока од минатогодишната односно за еден килограм се плаќа од 18 до 20 денари.