fbpx
ВестиТоп вести

Тече откупот на жолтото злато- едни задоволни тријат раце, други разочарани, трети тактизираат

 

 

Ќе се остварат ли желбите на тутунарите тутунот од реколтата 2019 да им биде добро оценет и платен? Очекувањата на производителите се големи бидејќи оваа година тутунот има одличен квалитет и се надеваат дека тоа ќе им донесе добра заработка. На петнаесет дена од почетокот на откупот на тутун во државата  дел од производителите  не ги оствариле своите очекувања. И покрај добриот квалитет, сметаат дека не го добиле заслуженото од вложениот труд.

Јоце Здравески од с.Мусинци оваа година  од површина  на 26 декари произвел 4 тони тутун. За да може да стигне навреме  со работите ангажирал и аргати  кои во денешно време тешко се наоѓаат. Од вкупните количини тутун за откуп однел многу малку останатото одлучил да го чува и да чека подобра процена , а со тоа и повеќе пари.

„Годинава квалитетот е одличен, сушна беше годината, немаше дождови. Може да се види на дело, нема што да се лажеме.На два пати однесов  по малкуу, во компанијата Сеќе и Мистеријан. Од  Мистеријан сме позадоволни. Лани во Сеќе беше подобро од секаде, ама годинава е „почурук“. Не сум задоволен од цените. Во просек имам 200ден/кг. Во Сеќе со триста напори прва и втора класа го оценија. Она што го оценија за  трета класа не му го оставив. Го однесов во Мистеријан  каде видоа дека чини за двојка. Сега дадов 800 и нешто кила ама назад имам уште три тона и кусур, ако е на онаа цена не му го носам, ќе чекам подобра цена, вели во разговор со Зелена берза Здравески.

Бидејќи информациите брзо се шират тутунарите пред да го однесат тутунот на откуп проверуваат како се врши проценката на тутунот, за да знаат како да постапат.

„Бев на лице место да се уверам како се врши откупот бидејќи не сакам да слушам рекла казала. Видов дека не се цени правилно тутунот. Даваат трета класа на прва и втора рака од тутунот која може да оди и прва класа. Имам склучено договори со две фирми една во Битола и во Кавадарци, вели Лилјана производител од с. Добромири.

Производителите сметаат дека откупувачите тактизираат со откупот и бидејќи на почетокот има голема понуда на тутун проценките се пониски.

„Ги гледаат луѓето се силат, носат тутун  и си тераат како што му чини и маваат на класа на сè. Ко ќе видат дека нема тутун тогаш тие ќе почнат да трчаат по луѓето и да молат, тогаш за нас ќе има некоја добивка плус, некои поени, инаку дури откупувачите  не почнат да шетаат на терен исто ќе биде“, вели еден производител.

Тутунарите и покрај тоа што знаат дека доколку сметаат дека  тутунот не му е оценет како што треба од страна на оценувачите можат да повикаат комисија, за сега таа варијанта не ја користат.

Свесни се дека тутунот е единствената култура во државата што има загарантиран откуп, но сметаат дека цените се исти веќе 10 – 15 години, а стандардот им е намален.  За пример ги посочуваат цените на нафтата и  струјата кои се  многу повисоки од порано. Оние што немаат можност да го чуваат тутунот дома, го оставаат за откуп, а оние што имаат услови велат дека ќе чекаат повисоки цени.

П. Јовановска

 

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close