Земјоделците бараат помош за субвенциите, регулирање на увозот и откупот
Земјоделците се уште не ги добиле парите од откупувачите за пролетната зелка, а се жалат и на неконтролиран увоз на градинарски производи од соседните земји, посебно Албанија, како и од Турција.
Според претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделски производители – Струмица, Ристо Велков, во тек е откупот на доматот и пиперката кој засега оди добро и цените се задоволителни. Но, ако се дозволи поголем увоз, како со зелката, цените, рече, нагло ќе паднат.
Тој апелира надлежните да реагираат, ако има понуда на пазарот од надвор, да се реагира со интервентни мерки, а ако биде зголемено домашно производство, да се преземат мерки за негов откуп за да нема вишоци и пад на цените.
– Стартот на годинашното производство со пролетната зелка помина лошо. Продажбата одеше по осум до десет денари во април/мај. Сепак, најмногу загрижува тоа што количините се уште не се исплатени – изјави Велков.
Тој укажа на потребата од поголема контрола при увозот зашто, како што посочи, дел од производите што не се наши, се пласираат, препродаваат, извезуваат како македонски, иако се далеку понеквалитетни.
– Мора да се води контрола на увозот и многу да се внимава зашто нашите производи се далеку поквалитетни. Краставиците од Албанија кои имав прилика да ги пробам, мирисаа на нафта – истакна Велков.
Околу 80 отсто од површините во Струмичко биле засадени со зелка, но целата не се откупи. Добро постапија, смета Велков, земјоделците кои не ја собраа веднаш зашто, откако не ја продадоа, барем ја искористија како ѓубре, додека другите, непродадените количини ги исфрлија по депониите.
Под домат и пиперка има мали површини за разлика од претходните години поради високата цена на чинење на производството.
– За производство на пет тони домат трошокот за производство без работна рака е 22 денара/килограм. И на пиперот цената е висока пред се поради ниските температури и трошокот на енергија за загревање – објасни претседателот на Сојузот.
Откупната цена на доматот засега е 25 – 30 денари, се нудат помали количини, и ако не се направи манипулација (увоз од Турција, Албанија, Бугарија) ќе помине добро. Цената на краставицата, пак, како што информира Велков, засега е 15 денари што е добро иако не е реално, а трговците ја продаваат по 30 – 40 денари. И кај оваа култура имало проблеми со увозот и намалување на цената во април годинава.
Во врска со овие и други актуелни состојби во земјоделството, Сојузот на синдикатот очекува поддршка од новиот ресорен министер Љупчо Николовски и заедничка заложба на сите засегнати страни. Приоритети, подвлече Велков, треба да бидат навремената исплата на субвенциите, зелената нафта, откупот и пласманот на земјоделските производи, растителни и животински, како и почитувањето на законите.
– Да се надеваме дека Министерството ќе се грижи за интересот на земјоделците, дека навреме ќе реагира и ќе ги решава проблемите на терен, дека ќе има кадри што ја познаваат проблематиката, од производство до пласман, преку законодавството и инспекцијата. Најдобро е да се држи до ветената програма, да ја почитува регулативата, да води сметка за откупот и пласманот. Неопходно е да се заземат ставови и да се испочтиуваат до крај – рече Велков.
Сојузот на синдикатот на земјоделски производители го поздравува предвиденото воведување на т.н. двојно субвенционирање во градинарството зашто, според Велков, во овој сектор трошоците се двојни, како во една година да има две производства.